Изборот на некои од локациите за поставувањето на новите контејнери не бил однапред добро испланиран, па се создадоа одредени проблеми на терен. Некаде контејнерите пречат во сообраќајот, а некаде им се пречка на пешаците и на велосипедистите бидејќи им ги узурпираат пешачките или велосипедските патеки. Некои од локациите за новите садови за отпад, кои секако се и поубави и попрактични, градот допрва ќе ги адаптира
Градот Скопје набави нови 540 контејнери со нов систем на работа и од неодамна почна да ги поставува. Но набргу се соочи со проблем при изборот на локациите, бидејќи тие не се добро испланирани, а новите контејнери со својот габарит зафаќаат многу поголема површина од старите. Проблем е и нивното сместување во дел од постојните џебови на скопските сообраќајници. Непредвидените решенија сега создаваат одредени аномалии на терен. Некаде контејнерите пречат во сообраќајот, а некаде им се пречка на пешаците и на велосипедистите бидејќи им ги узурпираат нивните патеки. Осмислувањето на локациите за новите садови за отпад, кои секако се и поубави и попрактични, треба допрва да се прави. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираат дека за поставувањето и за одредувањето на позицијата на новите контејнери се задолжени од градот Скопје и додаваат дека некои локации треба да се приспособат.
– Ние работиме на постојните локации и тие не се сменети. Новите контејнери се со поголеми димензии и според тоа на некои локации ќе треба да се приспособат и да се прошират старите места, се разбира тие не треба да пречат во сообраќајот. Нашето претпријатие има обврска да го собира сметот од јавните контејнери и тука генерално завршува нашата должност. Локациите и начинот на поставување сепак ги одредува градот Скопје. Ние досега немаме некакви поплаки за новите контејнери од страна на граѓаните – велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Контејнерите често можат да се забележат како го узурпираат просторот на велосипедските и на пешачките патеки, а во некои случаи се поставени на самиот коловоз и го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот. Таков пример каде што се узурпираат околу два метри од коловозот има на улицата Јуриј Гагарин во близината на Министерството за економија. На почетокот на улицата Рузвелтова, близу Зоолошката градина, има еден нов контејнер што го узурпира просторот за пешачка, но и за велосипедска патека.
Од градот Скопје велат дека во моментов ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана.
– Поставувањето на новите контејнери има и своја цена во просторот и во наредниов период ќе се отстрануваат сите видени пропусти и ќе има одредени привремени решенија. Во моментов ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана, туку на неколку патеки просторот и движењето се делумно отежнати. За можните проблеми во првичното поставување на опремата градот Скопје одржа средба со претставници на повеќе неформални групи и здруженија на велосипедисти, на кои им беа посочени овие состојби и дека ќе постојат одредени привремени решенија, а понатаму ќе се адаптираат велосипедските патеки – објаснија од градот Скопје.
Оттаму додаваат дека доколку некои граѓани имаат поплака или барање за дислоцирање контејнери, барањето можат да го достават до градот Скопје, Сектор за комунални работи.
Новите контејнери имаат капацитет од 3.200 литри и заменуваат над 1.800 од досегашните стари контејнери. Ова значи дека новите контејнери може да соберат поголем волумен ѓубре и се далеку поголеми од старите. Со оглед на тоа што станува збор за сосема нов систем, градот набави и четири нови комунални возила за нивно празнење. Сево ова покажува дека градот вложува во нови напредни пристапи за справување со комуналниот отпад. Наредната година, кога ќе биде изработен и новиот софтвер и ќе профункционира паметниот системот, новите контејнери ќе јавуваат кога се полни, за да дојде камионот да ги испразни. Станарите од секоја зграда ќе имаат соодветни картички за отворање на новите контејнери.
За разлика од старите, новите контејнери имаат амортизиран поклопец и ножен педал со кој можат да се отворат за да се фрли ѓубрето. Целта на овој механизам е да не се шири непријатната миризба од отпадот во контејнерот и да не се загадува околината.