Трендот да паркира кој каде што ќе стигне упорно продолжува. Во неодамнешната акцијата на јавните паркиралишта, за само седум дена пајак-службата од јавните површини отстрани 120 возила, податок што неоспорно потврдува дека сообраќајната култура во градов е на мошне низок праг
Постојана е сликата во градов на која јасно се гледаат паркирани возила по зелени површини, тротоари, велосипедски патеки и други јавни површини, кои не се наменети за паркирање. Но реалноста е дека тие упорно, несовесно и постојано и секојдневно се узурпираат. Трендот да паркира кој каде што ќе стигне се следи и продолжува, а пајак-службата навистина има полни раце работа. Во неодамнешната акцијата на јавните паркиралишта, за само седум дена пајак-службата од јавните површини отстрани 120 возила, податок што неоспорно потврдува дека сообраќајната култура во градов е на мошне низок праг, а тоа, пак, ја загрозува и безбедноста во сообраќајот.
Возачите често ги оставаат своите автомобили на разни недозволени површини и на тој начин тие им го попречуваат нормалното движење на пешаците или на велосипедистите. Оставањето возила на јавни површини законски е недозволиво, па токму поради тоа често ваквите несовесни возачи остануваат без својот автомобил и згора на тоа мораат да платат и казна за сторениот сообраќаен прекршок. По поплаки од граѓаните дека автомобили им го узурпирале тротоарот, градот честопати реагира со поставување бетонски или метални столпчиња. Таков беше примерот со паркирани возила пред зграда на булеварот Партизански одреди.
– Во координација со ЈП „Градски паркинг“ во континуитет работиме на ослободување на јавните површини од незаконски паркираните возила, каде што во наша надлежност се јавните зелени површини. Во однос на пешачките и велосипедските патеки, како и сообраќајниците, истите тие се во надлежност на сообраќајната полиција, па за нивното отстранување се користат нашите (и на ПОЦ) пајак-возила, а во акциите мора да учествуваат и претставници на МВР. Само за една седмица со пајак на ЈП „Градски паркинг“ се отстранети 120 возила, од кои 49 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 71 возило се по налог на сообраќајната полиција по основа на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, на велосипедска патека, на пешачки премин, на тротоар, на зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице – велат од градот Скопје.
Во слична акција што ја спроведе и јавното претпријатие „Паркинзи на општината Центар“ во соработка со општината Центар и со СВР-Скопје биле санкционирани 207 сопственици, кои имале непрописно паркирани возила. Оваа акција, како и многу други, имаше цел воведување ред во сообраќајот. Се поставува прашањето дали е тоа доволно за решавање на проблемот со непрописното паркирање не само на јавните површини, туку и на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици и не само на територијата на општината Центар, туку и пошироко.
– Во изминативе неколку години непрописното паркирање во општината Центар и градот Скопје е значително намалено поради зајакнатите контроли што секојдневно ги вршат надлежните служби на ЈП „Паркинзи на општината Центар“ и „Градски паркинг“ и ги санкционираат сите непрописно паркирани возила што се затекнати на паркиралиштата, за да се воведе ред и да се реши проблемот со нeправилното паркирање и сообраќајниот метеж – велат од ПОЦ. Но, проблеми сѐ уште има.
Во борбата со паркирањето на јавни површини изминативе години градските власти се спротивставуваат и со поставување нови столпчиња по скопските улици. Примерот од летово, кога таксист пред ТЦ „Веро џамбо“ уништи бетонско столпче за да се качи на тротоарот и да се паркира, само покажува колкава е упорноста на оние што имаат намера да ги користат тротоарите за паркирање, иако во близината имаат и катни гаражи. Она што е евидентно е дека ваквите возачи никако не сакаат да издвојат пари за паркирање.
– Градот Скопје работи во континуитет на ослободување на јавните површини, како и на пешачките и велосипедските патеки од паркираните возила. Заедно со ЈП „Улици и патишта“ во континуитет, таму каде што дозволуваат условите, поставуваме заштитни столпчиња за да се спречи паркирањето возила на тие локации. Изминативе две години столпчиња беа поставени на голем број од сообраќајниците што се во централното градско подрачје, каде што, впрочем, проблемот со незаконски паркираните возила е и најголем, а столпчиња се поставени и на други локации.
Дополнително се поставуваат и на локации каде што имаме јавни објекти каде што има појава на правење сообраќаен метеж, како случајот со новото основно училиште во Капиштец – велат од градот Скопје.