Дали бесплатното чипирање миленици што почна од август годинава ќе ги реши проблемите со кучињата-скитници останува да се види. Акцијата ќе трае до март идната година. Чипирањето одамна е задолжително, но сега на оние што нема да ги чипираат своите миленици ќе им следува казна од 50 до 70 евра. Микрочиповите се неминовни доколку некој сопственик сака кучето или мачето да ги изнесе преку граница, како дел од европските стандарди. За предвидената акција се обезбедени 100.000 чипа. Сопствениците на ваков начин со минимален надоместок од 120 денари би можеле да извадат пасош за нивното милениче, а во спротивно стандардното чипирање би ги чинело 800 денари. Акцијата се спроведува во 135 ветеринарни амбуланти низ земјава. Слични акции со кои се правеа обиди да се издигне нивото на свесност и навестуваа санкционирање на несовесните граѓани, се случуваа во 2014 година. Почетокот на иницијативата за чипирање на кучињата почна од 2009 година.

Тогаш првпат беше претставен проектот за поставување поткожни микрочипови и за следење на домашните кучиња од страна на ЈП „Комунална хигиена“ во соработка со Кралското здружение за заштита на животните од Велика Британија (РСПЦА). Целта беше да се намали бројот на домашни миленичиња чии несовесни сопственици ги оставаат на улица. Но од досегашното искуство и случаите за секојдневни напади врз граѓаните од кучиња, може да се заклучи дека законските регулативи не се спроведуваат соодветно и дека има потреба од менување на законот што го одредува чипирањето на миленичињата. Досегашниот закон вели дека контролата за поседување чипови за идентификација е под надлежност исклучиво на ветеринарната инспекција. Знаејќи дека има сопственици што не ги носат своите миленици на ветеринар, тоа значи дека не се знае колку чипирани кучиња има во Македонија.

Според законот, може да се заклучи дека не постои служба што би водела легитимирање и санкционирање на несовесните граѓани што не ги чипирале своите миленици.

– Според нашите податоци, во стационарот „Вардариште“ во 2016 година се заловени вкупно 1.712, успиени 355 и 264 удомени кучиња, додека, пак, за 2017 година се заловени 1.444, успиени 268 и удомени 159 кучиња. За 2018 година досега се заловени 803, успиени 128, удомени 74 кучиња – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Додека ние се бориме со евиденција и законски пропусти во Шпанија на пример се презема акција од друг вид за решавање на проблемот со кучиња. Во поголеми градови има иницијатива за задолжително ДНК-профилирање за да го намали неодговорното однесување на сопствениците. Властите во Малага, кои се први во ова, треба да воведат задолжително ДНК-профилирање на околу 100.000 кучиња во градот во обид да се намали присуството на кучешки измет. Сопствениците ќе мора да платат за генетска анализа на своите миленици, кои потоа ќе треба да носат мала ознака на нивните јаки со нивното име и со идентификациски број. Споредната улога, која е од поголемо значење на мерката исто така има цел да се справи со проблемот со напуштање на кучињата.

Резултатите од профилот на ДНК, кој ќе чини околу 35 евра, ќе им бидат додадени на податоците што веќе се зачувани за животното на микрочипот на општинскиот регистар. Сопствениците на кучиња што не се согласиле да направат ДНК и така да ги регистрираат своите кучиња ќе се соочат со парична казна од 110 до 130 евра. Потоа се планира службата за собирање животни и птици во градот истовремено да биде ангажирана за собирање примероци од изметот на кучиња, кои потоа ќе бидат испратени за анализа и резултатите ќе се проверат преку ДНК-регистарот. Малага е првиот град во Шпанија што ќе создаде регистар на кучешка ДНК, базиран на иницијативи како оние во Валенсија и во Мадрид. Околу 200.000 евра се издвоени за да се покријат трошоците за мерките во случај кога сопствениците не се во можност да платат.


За одговорно сопствеништво на миленици

Потребни се најмалку пет години и меѓусебна соработка за да се реши проблемот со бездомните кучиња, но треба да се почне веднаш, велат од политичката партија Демократска обнова на Македонија. Како многу успешни модели ги наведуваат оние од Германија, Данска, Шведска, Словенија и други земји, кои може да послужат како патоказ.

Му даваат поддршка и неколку сугестии на градоначалникот Петре Шилегов, по неговите јавно искажани заложби за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Тие велат дека нивните сугестии се базираат на консултации со стручни лица и претставници од граѓански асоцијации за заштита на животни, особено со „Анима мунди“, со која имаат соработувано и на законската регулатива.

Од ДОМ сметаат дека кучињата не се проблем само на Скопје и не може да го реши сама градската управа. Проблемот со бездомните кучиња може да се реши само со меѓусебна соработка на градот Скопје, ЈП Комунална хигиена, ЗЕЛС, Агенцијата за храна и ветеринарство, Ветеринарната комора, Кинолошкиот сојуз и организациите за заштита на животни. Сите заедно треба да изградат одржлива политика за справување со бездомните кучиња.

– Законот за благосостојба на животните не се спроведува во целост, а некои одредби треба да се преиспитаат низ јавна расправа и можеби да се променат. Мора да дојдеме до одговорно сопствеништво на миленици, со ограничување на неконтролираното размножување и со следење на патот на новородените единки. Ако се знае дека една единка двапати годишно може да продуцира 6-10 кученца, не треба да чуди огромната бројка од шест до осум илјади бездомни кучиња само на скопските улици! Не постои стационар што може да ги згрижи. Се разбира, во секој момент ја имаме на ум обврската за хуман третман и стерилизација – велат од ДОМ.

Додаваат дека оние сопственици што сакаат да имаат домашно милениче и да го размножуваат потребно е да се регистрираат како одгледувачи, со плаќање соодветен надоместок. Со оглед на веќе драматичните димензии на проблемов, треба да се размисли можеби и за привремен мораториум за купување кучиња и понуда на оние што немаат дом.

Сметаат дека моделот што ќе се одбере треба да добие соодветна ставка и во државниот буџет и во локалните буџети, затоа што ова е сериозно прашање, како за безбедноста и здравјето на луѓето, така и за благосостојбата на животните, за да не бидат изложени на труења, борби со кучиња и секакви други малтретирања!