Појавата на обоена вода или корозиони продукти, по пад на притисок, независно дали имало краток или подолг застој, е нормална појава и е резултат на паѓањето на дел од корозиониот филм што под притисок на водата стои цврсто залепен за цевката. Тој е резултат на влијанието на хипохлоридниот јон што се создава во водата при користење хлор како средство за санитација, информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“
Зошто краткотрајно ќе потече кафена вода од чешмите по периодично исклучување на водата?
Кафената вода што истекува од чешмите по краткотрајно или подолготрајно исклучување на водата е нешто што доста често предизвикува паника и страв кај граѓаните, кои загрижени за своето здравје имаат бурни реакции. Во тие моменти веднаш се отвораат десетици прашања за тоа дали водата за пиење е безбедна и квалитетна, како и дали може да им предизвика сериозни здравствени последици бидејќи и откако ќе помине обоеноста, сепак, цевките од кои тече водата остануваат исти. Меѓутоа, тоа воопшто не е така. Надлежните смируваат дека таквата состојба е сосема нормална, бидејќи во цевките извесен временски период немало вода.
– Појавата на обоена вода или корозиони продукти, по пад на притисок, независно дали имало краток или подолг застој, е нормална појава и е резултат на паѓањето на дел од корозиониот филм што под притисок на водата стои цврсто залепен за цевката. Тој е резултат на влијанието на хипохлоридниот јон што се создава во водата при користење хлор како средство за санитација – информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
Оттаму нагласуваат дека тој хипохлориден јон е интензивно корозиона материја, која со своето влијание ја штити водата од бактерии и вируси, но во исто време има корозивен ефект врз железото.
– Продукцијата при оваа корозија е железен хидроксид или ’рѓа, кој е апсолутно нештетен по организмот, но е непријатно да се гледа обоена вода. Со испуштање краток млаз вода истиот тој се елиминира без последици. Може да се јават метален вкус или мирис ако водата сѐ уште има остатоци, но тоа не е проблем и со подолго испирање се елиминира – велат од претпријатието.
Од водоводното претпријатие велат дека понекогаш дури и намерно се намалува притисокот на водата во цевките за истите тие да се исчистат од корозионите продукти.
– Вакви продукти на санитација се јавуваат во железните инсталации без разлика дали се користи хлор или некоја друга компонента или метода за санитација на водата за пиење во големите системи. И не е нешто невообичаено. Поради тие присуства на корозиони продукти системот детално и систематски се испира со симулација на пад на притисок во определена зона со што истите тие се елиминираат од мрежата. Тоа е постапка што ја спроведуваме најмалку еднаш годишно, а во случаи на почести дефекти и повеќепати, во согласност со следењата што ги спроведува Секторот за санитарна контрола во соработка со секторот Водовод и секторот ЕОК – нагласуваат оттаму.
Слична ваква ситуација велат дека се појавува и во зградите кога некој од станарите реновира, ја исклучува водата, а не ги информира соседите за истото тоа.
– Може да се јави локално во некоја зграда кога некој заради реновирања или поправки ја запира водата и не ги информира соседите или ако во вертикалата има расипан неповратен вентил на некој стар бојлер па да се измеша водата што исто така се случува. Во секој случај, нема здравствена опасност затоа што компонентата не е токсична, а и веднаш се забележува и лесно е отстранлива – велат од „Водовод и канализација“.
Квалитетот на водата е нешто што граѓаните не треба да ги загрижува бидејќи истата таа постојано се проверува од страна на надлежните, и тоа од дури четириесетина мерни места во градот, и тоа еднаш неделно. Се прават детални анализи со кои се утврдува квалитетот на водата за пиење.
Факт е дека цевките од кои сите домаќинства се снабдуваат со пивка вода треба да се во добра состојба, но тоа не значи дека истите тие треба да се менуваат на секој месец. Доколку при изградбата на куќа или, пак, зграда бидат одбрани соодветни и препорачани водоводни цевки во согласност со стандардите, загарантирано е дека граѓаните со години ќе добиваат квалитетна вода за пиење.
Дека инсталацијата за снабдување со вода има свој век на траење потврдуваат и од водоводното претпријатие, меѓутоа нагласуваат дека колку истите тие ќе траат зависни само од квалитетот и карактерот на материјалот.
– Затоа ние правиме реконструкции на делови од мрежата. Од тие причини систематски се заменува дел по дел од инсталациите. Тоа важи и за инсталациите по зградите и становите.
Правилник за тоа колку временски траат цевките за вода од кои граѓаните пијат вода нема.
Што се однесува до потребата за промена на водоводните цевки зависи од самите корисници, ако станува збор за метални (поцинкувани) тие траат пократко во однос на пластичните (ППР) цевки – велат од водовод.
Оттаму заклучуваат дека постојат препораки и стандарди и велат дека истите тие ги практикуваат производителите на цевки и треба да ги користат стандардите што се однесуваат на производи (цевки) за пивка вода.