Граѓаните од утринава чекаат во редици пред просториите на Министерството за внатрешни работи (МВР) во Скопје, при високите летни температури, за да извадат лични документи во закажаните термини.
Дел од граѓаните кои имале закажани термини за 10 часот чекале додека сѐ уште не поминале ниту оние кои имале термин за 8 часот, како што ни посочи наш колега кој утринава се најде во редицата пред МВР. Чекаат и оние што имале термини за минатата недела.
Присутните се жалат на топлото време, нервозни се, а оние дојдени од странство се најмногу изреволтирани, со што дел од нив наведуваат оти веќе помислиле да се откажат од македонските документи.
Системот за прием и издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола) не беше во функција во изминатите пет дена (од средата до вчера) поради миграција во нов систем, како што претходно информираше МВР. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека веќе цел месец има застој во издавањето на лични документи.
Министерот Оливер Спасовски на последната седница за пратенички прашања најави дека од денес почнува издавањето на лични документи со новото уставно име – Република Северна Македонија. В.Т.