Забелешките на граѓаните се дека не треба да се применува иста динамика за собирањето на отпадот во зима и во лето. Комуналците упатуваат апел до граѓаните да ги почитуваат утврдените термини за фрлање на отпадот, за да се задржат садовите и околината што подолго чисти. Од ЈП „Комунална хигиена“ се децидни дека работат според одреден план и програма, а таа предвидува контејнерите да се празнат еднаш во денот, а се дезинфицираат еднаш месечно
Летово при високите температури контејнерите за отпад, празни или полни, шират непријатна миризба. Граѓаните постојано имаат забелешки не само на непријатната реа туку и на чистотата околу нив. Сметаат дека сега во текот на летото комуналците треба почесто да ги празнат, но и да ги измиваат и дезинфицираат садовите, бидејќи јасно е дека тие на овие високи надворешни температури можат да бидат и извор на бактерии. Исто така, забележуваат дека комуналците не треба да применуваат иста динамика за собирањето на отпадот во зима и во лето. Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје велат дека работат според одреден план и програма и дека редовно ги мијат и дезинфицираат контејнерите во сите скопски општини. Тие работат според одреден план и програма, а таа предвидува контејнерите да се празнат еднаш во денот, а се дезинфицираат еднаш месечно. Од претпријатието апелираат до граѓаните да ги почитуваат утврдените термини за фрлање на отпадот за да се задржат садовите и околината што подолго чисти во текот на денот.
– Кога станува збор за дезинфекција на садовите за фрлање отпад, нашата програма предвидува дезинфекција на контејнерите еднаш во месецот. Имаме центри за селекција на отпадот и садовите за смет ги носиме таму. Се дезинфицираат и се враќаат на првобитната локација. Во летниот и во зимскиот период отпадот од контејнерите се собира еднаш во денот. Кантите за фрлање отпад што се за домаќинствата се собираат двапати во неделата – велат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Но скопјани прашуваат дали е доволна оваа динамика за работа од страна на надлежните. За нив тука се проблемите што ги мачат веќе со децении, контејнерите се постојано преполни.
– Имам пријатели во населбата Ѓорче Петров и кога и да поминам од кај нив контејнерите се полни цело време. Од нив се шири неподнослива непријатна миризба до тој степен што не се поминува по улицата. Луѓето некогаш го оставаат ѓубрето покрај контејнерите затоа што нема место во нив. Но има и мачки што постојано буричкаат во ѓубрето, а тогаш смрдеата поинтензивно се шири. Слично е и во населбата Бутел.
Причината за непријатната миризба што се шири од садовите за смет е самиот отпад. Во нив често се фрла биолошки отпад, кој на големи температури се распаѓа и шири непријатна реа. Биоразградлив отпад претставуваат старата и расипана храна, зеленчукот и овошјето. Комуналците порачуваат овој тип ѓубре соодветно да се спакува во ќесе за да биде херметички затворено и да не создава смрдеа. На овој начин контејнерите помалку ќе ги привлекуваат бездомни животни, кои исто така можат да шират зараза.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека работат седум дена во неделата, но и дека работат според утврдените термини што се пропишани за собирање на отпадот. За да се одржува јавната чистота, граѓаните треба да ги почитуваат овие термини за фрлање на отпадот, кои се изложени на контејнерите. Пример, ако предвидениот термин за собирање отпад на одредено место е во девет часот, а граѓаните одлучат да го фрлат ѓубрето во 10 часот откако веќе поминале комуналците, тој отпад ќе стои во контејнерите до наредниот ден.
– Она што е особено важно за ѓубрето, за пократко да се наоѓа во контејнерите, е да се почитува времето за исфрлање на отпадот од домовите, кое е испишано на налепниците, залепени на контејнерите. На овие налепници се назначени термините што се различни во различни делови од градов. Овие термини ја претставуваат временската рамка, која е поврзана со динамиката на подигањето на отпадот од страна на комуналците – вели портпаролката Ана Бранѓолица од ЈП „Комунална хигиена“.