Мнозинството скопјани сметаат дека чистотата во Скопје не е на највисоко ниво. Посебен проблем е создавањето диви депонии на различни места. Општините преземаат мерки, но и тие се недоволни ако нема вистинска казнена политика
Ненавремено откривање и санкционирање на создавачите на диви депонии е континуиран проблем со кој се соочуваат општините. Диви депонии има речиси во сите општини во градов. Често никнуваат и на зафрлени места, главно покрај патишта. На оние што нелегално исфрлаат шут или отпад од најразличен вид најлесно им е брзо да ги истоварат и да избегаат, намалувајќи ги шансите да бидат фатени на дело. Веројатно трага не можат да им фатат ниту дроновите.
Диви депонии има распослано и во урбаните делови на градот. Деновиве на социјалните мрежи на страницата Ѕид на Општина Гази Баба граѓани поставуваа фотографии од депонии направени покрај оградата на основното училиште „Наум Наумовски-Борче“, потоа во Скопско Поле, на Вардариште, потоа близу гробиштата Камник, а некои жители на оваа општина направиле и видеозаписи од депонии на кои се исфрлало сѐ и сешто, од градежен шут до делови од некакви машини, пластика…
Други, пак, се жалат дека во делот зад објектот на поранешната телевизија А1 постојано нешто чади, затоа што некои од тие депонии горат, а чадот постојано го дишат оние што живеат во близината на тој дел од општината.
– Да, ова, за жал, е нашата Општина Бутел! Нашата општина е претворена во една голема депонија. Бутел никогаш не бил позагаден, никогаш ни приближно немало толкав број огромни депонии, кои се сигурен извор на разни зарази – неодамна на социјалните мрежи на својот фејсбук-профил напиша Дарко Костовски, под фотографии на кои беа прикажани депонии од Радишани, Љуботенски Пат, Визбегово, Бутел 1.
Од оваа скопска општина дури неколкупати беа реализирани акции за чистење и на депониите покрај реката Серава, но повторно и повторно се создаваат нови. Токму поради тоа не е доволно да се реализираат повремени акции бидејќи тие не се доволни за решавање на проблемот.
Градските власти изјавуваат дека во текот на минатата година се исчистени повеќе од 220 диви депонии. Но посебен проблем е тоа што откако ќе исчистат една депонија и простoрот ќе биде доведен во ред, несовесни граѓани повторно го полнат со секаков вид отпад. Таков беше и случајот со исчистената депонија во атарот на населеното место Ново Село во Општина Ѓорче Петров. Депонијата сега е голема колку 15 фудбалски игралишта, а за нејзиното расчистување се потрошени 10 милиони денари.
– Во Ново Село имаме депонија од приближно 11 хектари, на која во јануари почнавме со расчистување заедно со Град Скопје.
Беа исчистени над четири хектари, но поради состојбата со ковид-19, работата беше стопирана, поради недостиг од механизација и ресурси. За оваа депонија, која ќе продолжи да се санира, идејата е целосно да се исчисти, загради и да се зазелени. Официјално, лоцирани се уште три помали диви депонии на територијата на Општина Ѓорче Петров со површини од 900, 700 и 500 квадратни метри, една во Волково и две во Орман. Општината има изготвено процена за расчистување на депонијата во Ново Село (односно за сите), изработена во 2018 година, според која, меѓу другото, е потребна помош од дополнителни средства, конкретно за Ново Село, кои Општината во својот буџет ги нема – ни рекоа од Општина Ѓорче Петров, од каде што додаваат дека инспекциските служби вложуваат напори да се стопира оваа појава. Велат дека се зачестени и казните и соработката со МВР и со комуналните служби на Градот во однос на дивото фрлање на сметот.
– Иако чистењето на дивите депонии се надлежност на општините, Град Скопје во континуитет работи на нивно мапирање и расчистување. Изминативе неколку години се расчистени голем број диви депонии, како и поголеми депонии што со децении се создаваа, како онаа зад СЦ „Борис Трајковски“. Дополнително, некои од овие поранешни депонии сега стануваат нови зелени површини, како паркот во Карпош 4, кај железничката станица во Кисела Вода и сл. Процесот на мапирање и чистење е континуиран, а паралелно со тоа на терен засилени активности имаат и инспекциските и редарските служби на градот, кои работат на спречување на создавањето нови депонии. Чистотата и здравата животна средина се од врвен приоритет и Градот Скопје нема да прави компромис со никого на ова поле. Дополнително, за неовластено фрлање смет минатата година се напишани над 200 казни – велат од Град Скопје.
Многумина од граѓаните сметаат дека хигиената во градот може да биде подобра само и доколку инспекторите ја вршат својата работа, односно, законот да важи исто за секого. Некои, пак, велат дека би сакале во градот да имаме комунална полиција по примерот на Белград и тогаш сметаат оти работите подобро ќе функционираат. По сето искажано се поставуваат прашањата дали општините имаат стратегија како да се справат со дивите депонии, за да не фрлаат залудно пари да ги чистат по неколкупати, дали инспекциските контроли излегуваат на терен и колку ги казнуваат престапниците на законот за јавна чистота.
Потребни се стратегии со кои трајно ќе се решат дивите депонии. Загадувањето на животната средина не само во Скопје туку и во целата држава е проблем што треба да се решава систематски и со учество на сите чинители на заедницата.