Многумина, па и еколозите, мислат дека сообраќајниот метеж може да се растовари со создавањето таканаречени пешачки зони, барем во централното градско подрачје и онаму каде што има најголема фреквенција од автомобили. Во светот има повеќе вакви примери, а кај нас таков е пешачката зона улица Македонија
Утринскиот и попладневниот сообраќаен метеж се секојдневна слика на сообраќајниците, особено во централното градско подрачје. Во Скопје станува сѐ потешко пробивањето низ него, како со автомобил, така и пеш. Непочитувањето на сообраќајните правила од страна на голем број возачи ги прави работите уште полоши. Многумина мислат дека сообраќајниот метеж може да се избегне со формирање таканаречени пешачки зони, барем во централното градско подрачје и онаму каде што има најголема фреквенција од автомобили. И еколошките здруженија сметаат дека едно од решенијата за овој проблем е создавањето такви зони. Во светот има повеќе вакви примери. Еден таков кај нас е улицата Македонија, низ која порано било дозволено движење на автомобили. Од градот Скопје истакнуваат дека работат на ова поле преку ослободување на постојните пешачки средини од возилата, за што во изминатиов период во соработка со ЈП „Улици и патишта“ на повеќе локации поставиле столпчиња. Овој период велат дека приоритет им е ослободувањето од возила на постојните пешачки зони кај плоштадот „Карпошово востание“, како и кејот „13 Ноември“ кај ГТЦ. Истакнуваат дека работат и на проекти за отворање нови пешачки зони во централното градско подрачје.
– Во минатото постоеле иницијативи на градот и во јавноста за правење одредени пешачки зони, како и зони за забрана за сообраќај што се во насока на постигнување одржлива урбана мобилност, како предизвик со кој се соочуваат современите градови во светот. Ова е една од заложбите на градот за обезбедување поголем простор за движење на пешаците и велосипедистите, пред сѐ во „Малиот ринг“. За да се реализираат ваквите планови, потребно е претходно да се овозможат услови за тоа, пред сѐ од аспект на обезбедување алтернатива за сообраќајот на моторните возила, на што градската администрација посветено работи изминатиов период – информираат од градот.
На Скопје апсолутно му се потребни повеќе пешачки зони. Особено затоа што во главниот град има значително намален квалитет на живот, а тука се и високото загадување на воздухот и бучавата. Тие се само дел од проблемите со кои се соочени граѓаните. Воспоставувањето повеќе пешачки зони ќе значи и зголемување на квалитетот на живот во градот, и тоа не само од аспект на намалување на загадувањето на воздухот и бучавата, велат од еколошките здруженија.
– Иако имаме голема концентрација на население, Скопје е мал град и како таков многу лесно може да се трансформира во „град за луѓе“ – вели Елена Николовска од „Екосвест“.
Пешачките зони промовираат алтернативни начини на транспорт, без автомобили. Тие зони може да бидат со различна големина, зафаќајќи простор колку еден плоштад, но и колку цело маало или реон. Екологистите сметаат дека доколку се пристапи кон создавање пешачка зона, потребен е плански пристап.
– За воспоставување повеќе пешачки зони на Скопје му треба долгорочен план, кој ќе опфати едукација на граѓаните и спроведување мерки за намалување на сообраќајот во градот од сите надлежни институции. Потребно е и зголемување на јавниот транспорт во градот и стеснување на улиците. Што и да направите, секогаш ќе има незадоволни граѓани, затоа е потребно волја да се спроведат и непопуларните мерки, кои, сепак, на крајот би резултирале со поквалитетен живот во градот – велат од „Екосвест“.
Примери од други градови во кои има пешачки зони има навистина многу. Барселона, како и повеќето градови во Шпанија, имаат повеќе пешачки зони отколку улици во централните градски подрачја. Социјално-културниот живот, како и туризмот, буквално цвета, а бројката на градови што ги зголемуваат пешачките зони постојано расте. Еден од најпознатите од ваков тип е Венеција. Тој се смета за најголем пешачки град во светот, бидејќи ја поседува најголемата пешачка улична мрежа целосно ослободена од автомобили. Иако градот е доста густ, сепак нема автомобили што се движат по неговите улици. Од нашите еколошки здруженија велат дека во насока за поквалитетен живот во градот е потребно да им се додели повеќе простор на пешаците и велосипедите, а да им се одземе на автомобилите. На ваков начин би се решил проблемот со сообраќајниот метеж. Ако од една улица може да се направи пешачка зона, зошто не би ми можеле да имаме повеќе такви?