„Комунална“ со акција и 40 работници пак го чисти Клинички

Клинички поболен и од пациентите (2)

По серијалот за чистењето со кој вчера започна нашиот весник за нехигиената во кругот на Клинички, сообраќајниот хаос, како и проблемите со кучињата скитници, во текот на вчерашниот ден екипа од 40 работници почна да го чисти дворот во болницата

Една фотографија илјада збора, а од фотографиите од Клиничкиот центар што се вртеа по медиумите изминатиов период сите беа згрозени. Не престануваат реакциите на граѓаните и констатацијата дека е недозволиво една од најголемите здравствени институции да биде преплавена со ѓубре. Никој повеќе не сакаше да ги гледа преполнетите кошници со отпад и расфрлано ѓубре на сите страни низ Клиничкиот центар, иако малкумина велат дека вина имаат и граѓаните, кои воопшто не внимаваат каде го фрлаат отпадот. Поранешна вработена на Клиничкиот центар вели дека порано, пред распадот на Југославија, постоеле заеднички служби, кои биле задолжени за одржување на хигиената. Имало вработени хигиеничари во рамките на Клиничкиот центар и во тој период постојано се гледале како со зелени канти го собираат ѓубрето. Потоа хигиеничарите биле повлечени и прераспределени. Оваа медицинска сестра вели оттогаш досега никогаш не било толку нечисто на Клинички. Тоа, пак, ги привлече и бездомните кучиња и мачки, а рак-рана се паркирањето и сообраќајниот хаос во болницата.

Андон Павлов, пензионер:
Треба да се испраќаат фактури како на Запад, да си платат глоба тие што валкаат

За нехигиената и ѓубрето во најголемата болница во државава граѓаните развиваа дискусии и искажуваа незадоволство и преку социјалните мрежи, а некои ги осудуваа надлежните и велеа треба да се срамат од тоа што дозволија Клинички да се дави во ѓубре. Други, без да кажат што било, само поставуваа фотографии со ѓубре од пред болниците. Некои, пак, под фотографиите и коментираа. Едни дека ова покажува колку ни е болно здравството, други дека независно од тоа дали клиника должи за комунални услуги, решение мора да се најде, а трети, пак, дека системско решение мора да има и дека не смее да има ѓубре каде што лежат болни. И министерот за здравство Венко Филипче завчера најави дека се бара начин со кој ингеренциите за чистењето на дворот на Клинички центар во Скопје ќе ги преземе ЈП „Комунална хигиена“. Од претпријатието, пак, вчера одржаа прес-конференција, на која кажаа дека уште еднаш, како и претходно, без никаков надомест ќе излезат да го исчистат ѓубрето, но тоа не е нивна редовна обврска, бидејќи се задолжени само за празнење на контејнерите. Ова нема да ја излекува болката на Клинички, само уште еднаш ќе ја ублажи. Комуналците вчера почнаа да чистат на Клинички, а со работа ќе продолжат и денеска. Ангажирани се 40 работници, кои користеа и механизација, една автоцистерна, како и по едно специјално комунално возило метлачка, ветеранка и кипер.

– ЈП „Комунална хигиена“ нема обврска да го одржува Клиничкиот центар, но поради нашата совест и грижа за граѓаните што секојдневно и во голем број го користат овој простор, ние планираме и понатаму да излегуваме во пресрет на нивните потреби и да помогнеме да се зголеми нивото на хигиената во центарот, во координација со другите јавни претпријатија – „Паркови и зеленило“, „Градски паркинг“ и „Улици и патишта“ – рече вчера директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.
Но со една или две акции не е доволно да се одржува хигиената на една толку голема болница, бидејќи повторно ќе се насобере ѓубре и, секако, надлежните не треба да се надеваат дека ќе дојдат други средношколци од Ротердам, за пак да чистат и да ни одржат лекција. Чудно е што општините често организираат некакви акции за чистење, а овој пат можеби не се сетија да дадат по двајца сезонски работници, па да помогнат во одржувањето на хигиената на Клинички до конечното наоѓање решение. Некои од граѓаните сметаат дека се потребни казни за тие што не внимаваат со ѓубрето и животната средина.

– Ова никаде го нема, ние треба да научиме да имаме одговорност. Дефинитивно, за да се намали оваа несакана појава треба да се применуваат казни. Кај нас спасот е казна! Џабе ќе чистат кога ние пак фрламе отпадоци. Фрлаш ѓубре и си неодговорен кон околината, соодветна за тебе е поригорозна парична казна. Како на Запад, си има камери и се знае кој што направил. За секое несоодветно однесување предвидената глобата сторителот си ја добива преку фактура и треба да си ја плати. Многу е едноставно – вели пензионерот Андон Павлов.
Некои од посетителите на болницата сметаат дека надлежните од Клинички можат со парите што ги наплаќаат за паркинг да го исчистат и ѓубрето. А паркингот е втората болка на Клинички и воопшто сообраќајниот хаос за кој ќе пишуваме.

Продолжува