Патниците, кои пристигнуваат на скопската автобуска и на железничката станица, се врткаат и не знаат каде и кому на сигурно да му ги остават своите куфери и патни торби за да прошетаат низ градот до вечерниот термин за воз. Никаде ниту на автобуската ниту на железничката станица не се гледа табла, ознака или што било на кое пишува некакви информации за место за оставање багаж или, можеби, за гардероби за патни торби. Оние што имале потреба за такво нешто прашувале и на шалтерите на автобуската станица. Таму ги информирале дека може да се остават куферите и патните торби, но само до 18 часот. Што да прават по овој термин се прашувале патниците и не им преостанувало ништо друго туку да си го земат багажот и со часови да седат или на автобуската или на железничката станица. Патниците додаваат дека е лето и оти многумина патуваат во ноќните часови, за наутро да стигнат до саканата дестинација. Оние, пак, што имале роднини во градов морале да го стават багажот во такси и да поминат неколку часа кај нив, сакале или не, за потоа да се вратат на железничката станица. Навидум, се чини, прашањето за постоење гардероби е неважно, но важно е за сите патници намерници или случајни минувачи на најфреквентните места во градов.
– По неколку години дојдов од Австралија во Битола кај моите роднини и со мајка ми се договоривме и таа да дојде од Словенија, а потоа да се вратиме двете и заедно со сестра ми да одиме на одмор на Сицилија. По неколкудневниот престој во Битола со пријатели дојдовме со автомобил во Скопје. Нѐ оставија на железничката станица утрото, а возот за Љубљана ни беше вечерта дури во 10 часот. Си реков да ги оставиме куферите, па да прошетаме малку да го видиме и Скопје како е изградено сега, а потоа на два-три часа да поминеме да ги видиме и роднините во Кисела Вода. Но се зачудив кога на железничката ми рекоа дека нема каде да ги оставам куферите. Потоа прашав и на автобуската станица и ми кажаа дека можам да ги оставам за по 50 денари од куфер, но само до 18 часот. Повторно се зачудив, а станува збор за едноставна услуга што им е потребна на патниците – вели Александра Танчевска.
Ги прашавме надлежните од меѓународната автобуската станица во Скопје, дали можат патниците да ги остават своите патни торби и тие ни одговорија дека тоа е можно, но само на шалтерите. Тие велат дека не ги прашуваат патниците дали патуваат со воз или со автобус, но оти патникот мора да си плати билет за патна торба, која, тврдат, може да се остави на 24 часа. Билетот, велат, за една патна торба чини 50 денари и дел од него го задржуваат, а дел од му даваат на патникот за потоа да си го подигне багажот.
Од „МЖ-транспорт“, пак, велат дека гардеробата за патни торби на железничката станица во Скопје подолг период не е во функција.
– Просторија за гардероба на патничката железничка станица во Скопје постои. Цената за една патна торба или куфер изнесува 40 денари од секој започнат час. Меѓутоа, со жалење мораме да констатираме дека работата на гардеробата веќе подолг временски период е ставена во мирување, поради недостиг од кадар. Проблем со недостиг од кадар, во „МЖ-транспорт“ АД-Скопје, има на многу работни места, поради големиот природен одлив на кадарот – одговорија од кабинетот на генерален директор на „МЖ-транспорт“ АД-Скопје.
Она што може да се заклучи е дека што поскоро вакви гардероби или простории за багаж треба да има на сите железнички и градски автобуски станици во земјава, а не само во Скопје. Нивното постоење ќе им го олесни патувањето на патниците, а доколку имаат време до следното патување можеби и ќе купат некој сувенир и ќе остават плус пари.