Фото: Маја Јаневска-Илиева

Советот на Град Скопје го донесе буџетот на Град Скопје за 2021 година, кој во услови на значајно влошување на меѓународното економско опкружување и голема економска криза, резултат на здравствената пандемија, е подготвен со применување на начелата на економичност, рационалност, фискална одговорност, отчетност и транспарентност, во насока да се обезбеди извршување на сите законски надлежности на Град Скопје, со подобро буџетско планирање и извршување, велат од Градот

БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА ГОДИНАВА НАМАЛЕН ЗА 8,5 ПРОЦЕНТИ

Корона-кризата што го зафати целиот свет несомнено остави огромен белег врз функционирањето на општествата, јавните претпријатија, приватниот сектор и сите други државни институции. Без два месеца, речиси цела година живееме во вонредни услови и по нови правила, кои ни ги наметна состојбата со пандемијата. Коронавирусот остави белег и врз финансирањето на голем број проекти, реализацијата на некои целосно се откажа, други се одложија, додека трети претрпеа огромни измени.
На крајот на првиот месец од новата 2021 година се чини дека ништо не е променето. Повторно се работи во вонредни услови, а дека тоа е така говори и фактот што економската криза навлезе и во проектирањето на буџетите на општините, меѓу кои е и буџетот на Град Скопје.
Па, така, проектираниот буџет за оваа година е направен во согласност со наметнатите услови од пандемијата, односно е направен економично, за да се реализираат круцијални проекти и проекти од витално значење, а да се заштеди онаму каде што е можно тоа.
Годинава, според податоците наведени во буџетот, ќе се трошат пари на реконструкција и изградба на десетина улици во метрополата.

Сто милиони денари ќе се потрошат на реконструкција и изградба на улици со меѓуопштинска соработка, односно во соработка на Градот со општините во метрополата, додека на изградба, реконструкција и одржување сообраќајници, Градот планира да потроши повеќе од 350 милиони денари. Ќе се изгради булеварот АСНОМ, а ќе се градат, одржуваат и реконструираат улиците Теодосиј Гологанов, Боца Иванова, Лазо Трповски, Индира Ганди, како и булеварите Босна и Херцеговина, Хрватска и Љубљанска. Годинава конечно на ред за реконструкција ќе дојде и можеби една од улиците во најлоша состојба во Скопје, Перо Наков, каде што Градот ќе потроши еден милион денари, а реконструкцијата ќе се реализира со меѓуопштинска соработка.
Еден милион денари се планирани за проект за уредување на Скопското кале, додека пак за поставување урбана опрема на оваа локација се планирани десет милиони денари. За зелени покривни површини, според буџетот, градските власти планираат да потрошат 20 милиони денари. За два милиони денари ќе се поставуваат заштитни столпчиња. Оваа година, за 120 милиони денари ќе биде реконструирана и Универзалната сала, која веќе неколку години стои целосно неупотреблива, бидејќи претставува ризик за безбедноста.
За вински фестивал, месец на трговија, избор на најдобар угостителски објект меѓу најдобрите, пивски фестивал, тортијада и фестивал на органска храна и здрав начин на живеење, Градот планира да потроши нешто повеќе од седум милиони денари.
Од Градот велат дека буџетот е донесен во согласност со условите што ги создала пандемијата.

– Советот на Град Скопје го донесе буџетот на Град Скопје за 2021 година, кој во услови на значајно влошување на меѓународното економско опкружување и голема економска криза, резултат на здравствената пандемија, е подготвен со применување на начелата на економичност, рационалност, фискална одговорност, отчетност и транспарентност, во насока да се обезбеди извршување на сите законски надлежности на Град Скопје, со подобро буџетско планирање и извршување – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека планирањето на средствата преку дефинираните програми придонесува за поголема транспарентност на планираните и извршените расходи, како и нивно рационално користење.
– Во согласност со направените процени и анализи, со предлог-буџетот на Град Скопје за 2021 година се предлага износ од 7,2 милијарди денари вкупни приходи и други приливи. Споредено со 2020 година, предложениот буџет на Град Скопје за 2021 година се намалува за 8,5 проценти. Од тоа, најголем процент се на основниот буџет, кој изнесува 4.330.000.000 денари, додека буџетот од блок-дотации од централниот буџет (наменет за плати и одржување за средните училишта и за културните институции) изнесува 1.966.991.000 денари.

Од основниот буџет, стандардно најголемата ставка е наменета за активностите на Секторот за планирање и уредување градежно земјиште, кој за 2021 година изнесува 1.786.000.000 денари, а тука се сите градежни активности, одржување, реконструкција и изградба на сообраќајници, јавно осветлување, изградба на комунална инфраструктура (улици и булевари, водоводни, атмосферски и фекални мрежи, велосипедски и пешачки патеки…) – велат градските власти.

[email protected]