До крајот на вчерашниот ден на шалтерите на Град Скопје се поднесени над 1.300 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците, соопшти прес-службата на Град Скопје.
Со овој јавен повик, Град Скопје на граѓаните кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик (од 21.04.2018 година), заклучно со 31.08.2018 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед, односно адаптиран велосипед за лица со телесна инвалидност.
Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50 отсто од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.
За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на град Скопје за 2018 година, се предвидени десет милиони денари, од кои девет милиони денари за субвенции за велосипеди, додека милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.
Јавниот повик се реализира по принципот „Прв дојден, прв услужен“.
Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на интернет врската – www.skopje.gov.mk/uploads/јавен повик за велосипеди.pdf
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Град Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: финансиски е достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, се наведува во соопштението на прес-службата на Град Скопје.