По реакциите на граѓаните што поради густиот и смрдлив чад сѐ уште не можат да шетаат на кејот на Вардар, како и по пишувањата на „Нова Македонија“ на оваа тема, надлежните решија да се состанат и допрва да бараат решение за проблемот. Сѐ уште на терен не се излезени инспекциски служби што треба да утврдат какви штетни материи содржи смрдливиот и густ чад. „Нова Македонија“ од сведочењето на месното население доби информација дека чадот доаѓа од палењето огнови од страна на жителите од диво изградената населба спроти градската плажа. Според нив, смрдеата од чадот доаѓа од каблите што секоја вечер ги палат доселените нови соседи од дивоизградената населба. Тие рекоа дека чадот не само што ги труе оние што навечер спортуваат или шетаат на кејот туку ги труе веќе подолго време и нив и ги спречува летово да излегуваат во своите дворови или, пак, да отворат прозорци. Посочија дека речиси шест децении мирно живееле близу седиштето на поглаварот на МПЦ во делот на Момин Поток, а сега им е нарушен мирот, па за помош се обратиле и во градот и во општината Центар. На прашање на „Нова Македонија“ што ќе преземат од општината Центар за решавањето на проблемот за загадувањето на животната околина од густиот и смрдлив чад и дали веќе излегле на терен, ни посочија дека веќе почнале со работни средби, на кои ќе бараат решенија. Од градот, пак, разгледуваат можност за техничко усовршување на мониторингот на јавните површини, со што би се зголемила ефикасноста на инспекторите, пожарникарите и другите субјекти што треба да го санкционираат овој комунален проблем.
– Инспекциските служби на општината Центар, соодветните служби во градот Скопје и претставници на Министерството за труд и социјална политика, веќе почнаа работни состаноци за наоѓање решение на проблемот со привремената населба на кејот на Вардар. За заклучоците произлезени од состаноците и наредните чекори за настанатата ситуација ќе бидете известени дополнително – велат од општината Центар како одговор на прашањето што ќе преземат во врска со проблемот.
Оттаму и претходно ни потврдија дека проблемот им е познат.
На прашањето за актуелнава тема со чадот, од градот ни одговорија дека градските комунални инспектори вршат контрола на повеќе места што се подложни на нарушувањето на комуналниот ред, особено од аспект на загадувањето на воздухот.
– Сите локации се по текот на реката Вардар и забележителна појава е одвреме-н време да се палат огнови на отворено, на кои се реагира и, доколку извршителите се фатат на местото на палењето, им се наплаќа казна во согласност со законски предвидените лимити. За спречување на оваа појава во иднина, покрај долгорочните и краткорочните мерки за справување со огновите на отворено, се разгледува можноста за техничко усовршување на мониторингот на јавните површини, со што би се зголемила ефикасноста на инспекторите, пожарникарите и другите субјекти што треба да го санкционираат овој комунален проблем – појаснија од градот.
Додаваат дека позитивно искуство во справувањето со огновите на отворено е телефонската линија 193, на која граѓаните деноноќно, во текот на зимскиот период, пријавуваа огнови што горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот.
Градските власти не кажуваат ништо конкретно дали чадот за кој деновиве се зборува содржи штетни материи и како ќе се справат наплатувајќи казни од диво населените лица што се занимаваат со собирање отпад и пластични шишиња. Информираат за тоа дека изминатата зима имало над 900 јавувања, при што биле направени заеднички интервенции на градот Скопје, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и здружението на граѓани „Љубезност“.