Градот Скопје денеска одбележува 74 години од ослободувањето од фашистичката окупација, а по повод 13 Ноември ќе се одржат повеќе спортски, културни и хуманитарни манифестации. Токму на овој ден, на 13 Ноември 1944 година, Скопје ја дочека долгопосакуваната слобода. Борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та македонска бригада тој ден го ослободија Скопје од фашистичката окупација. Се воделе неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада Ангермилер, која била распоредена пред Качаничката Клисура. Борците со победоносен марш влегле во градот и оттогаш Скопје пулсира како слободен град, кој постојано расте и се развива.
Партизанските единици што биле вклучени во ослободувањето на Скопје речиси цел ден марширале кон Скопје, одејќи пеш речиси триесетина километри. Една од бригадите со околу 2.000 лица ја покривала цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнале во Скопје веќе се воделе жестоки битки. Дванаесеттата бригада се борела за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, Народна банка, училиштето „Гоце Делчев“, Офицерскиот дом, радиото Скопје… Една од поголемите битки што се воделе тогаш била и онаа кај Старата железничка станица, а Германците биле присилени да се предадат.
Се водела битка и за Женската гимназија, која тогаш се наоѓала кај денешниот објект на Владата, се војувало за секој кат од оваа образовна установа. За победата над фашистите и ослободувањето на градот, покрај партизаните, заслужно било и целото население, кое со неизмерна љубов и самопожртвуваност се борело за слободата на својот град.
– За ослободувањето на Скопје би кажал нешто што е од исклучителна важност, а со текот на годините се заборава. Тоа е чувството, восхитувањето и големото доживување на оние што го ослободија Скопје, а е искажано со голема љубов спрема градот и никогаш не треба да се заборави тоа. Целиот тој чин на ослободување на градот е херојски и восхитувачки, но мене лично и на многу други сограѓани што не го доживеале тоа ни останале зборовите на партизаните, кои со голема емотивност во повеќето свои искажувања велат: „Конечно го ослободивме Скопје“, „Скопје повторно е наше“. Сите тие мисли провејуваат еден голем ентузијазам и жртва што самите тие ја направиле за Скопје. Ме воодушевува сета таа топлина, ентузијазам. Кога ќе маршираат на плоштадот со големата толпа граѓани ќе бидат пречекани ослободителите на Скопје. Има еден податок што погодува и предизвикува многу емоции и љубов кон градот, а тоа е дека меѓу многуте партизани имало и над сто жени борци што херојски војувале и го ослободиле Скопје. Тој чин не треба никогаш да се заборави, затоа што таквата љубов останува да биде вечна и, кога гледаме од денешен аспект, можеме само да бидеме горди – вели познатиот скопски хроничар Данило Коцевски.
При ослободувањето на Скопје партизанските бригади добивале помош и од многубројните диверзантските групи што добро го познавале градот. Во групи од по неколкумина биле задолжени да ги сечат телефонските и телеграфските кабли, фаќале соработници на непријателот. Тие биле задолжени да ги обезбедат и дадат клучните информации. Диверзантите ги пресекле каблите кај Камени мост зашто требало да биде миниран, бидејќи Германците биле стационирани во Офицерскиот дом. Големи битки се воделе и на Водно и на Матка, а можеби една од најпогубните била онаа каде што сега се наоѓа кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало. Завршната битка била за Учителската школа, кога биле заробени 70 Германци.
Во таа еуфорија на ослободено Скопје жените излегувале на улиците и ги пресретнувале борците со цвеќиња и, по стариот обичај, со леб и сол, а потоа следувала и општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните. Дури 400 учествувале во ослободувањето на градот, а голем дел од нив биле и жени.