Во средните училишта во Скопје продолжува проектот „Зелен лист, воздух чист“, за зазеленување на дворните површини, како дел од Планот за чист воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во средното училиште „Никола Карев“ комплетно е реконструирана дворната површина од околу 6.900 метри квадратни, воведен е систем на автоматско наводнување со вода од бунар, при што не се користи питка вода.
За обновување на зеленило засадени се листопадни, зимзелени садници, и украсни грмушки.
Дополнително, во ова средно училиште ќе се засадат плодородни садници, ароматични растенија и сезонско цвеќе, а тоа ќе го спроведуваат и самите ученици во соработка до студентите од Факултетот за земјоделски науки.
Проектот предвидува секоја генерација ученици да учествува во создавањето на свои генерациски паркови, кога матурантите секоја година ќе засадуваат нови зелени садници.
Целта на оваа мерка е дворовите на училиштата да прераснат и да функционираат како парковни површини каде континуирано ќе се надоградува зеленило.