Активирање на гаранцијата во износ од 43.000 евра и намирување на киријата за наредните шест месеци се правните последици за концесионерот на „Македонско село“, Владимир Тодоровиќ, кој без никаква најава или писмено извесување до Владата го затвори комплексот. Ова беше соопштено вчера по средбата што се одржа меѓу владин претставник и концесионерот.
Комплексот „Македонско село“ на падините на Водно престана да функционира, а одлуката за неговото затворање беше соопштена на неговата фејсбук-страница. Веста ја разбранува јавноста, а за постапката концесионерот Владимир Тодоровиќ, сопственик на „Тинекс“ и на „Квинс хотел“ ниту писмено ниту усно не ја информирал Владата. Тој, според член од договорот за концесија, требало да ја извести Владата најмалку шест месеци однапред.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски нѐ информира дека не добиле никакво писмено известување. Токму поради ова вчера имаше средба помеѓу инвеститорот „Тинекс“ и Пеце Мирчевски, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи.
– Денеска во името на службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ, како орган што го има склучено договорот за јавно партнерство со комплексот „Македонско село“, имав средба со претставниците на менаџментот на компанијата „Тинекс“ МТ ДОЕЛ Скопје и „Квинс хотел“ ДОО Скопје. Претставниците истакнаа дека стојат на ставот истакнат во соопштението дека еднострано го раскинуваат договорот, поради, како што нѐ известија: „Работење исклучиво со загуба“. Претставниците на менаџментот ме известија дека се свесни за правните обврски, кои произлегуваат од договорот, а тоа подразбира активирање на гаранцијата во износ од 2.690.409 денари, односно 43.000 евра и намирување на киријата за следните шест месеци. Сакам да ја информирам јавноста дека комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Република Македонија, одлуката за овој неодржлив проект ја има донесено Владата на Република Македонија потпишана од поранешниот премиер Никола Груевски. Притоа од парите на граѓаните за оваа непродуктивна инвестиција се издвоени 6,5 милиони евра за комплексот да биде ставен во функција. Ако се имаат предвид сите трошоци околу комплексот, преку едноставна пресметка може да се заклучи дека граѓаните ќе може да си ги повлечат потрошените пари по 150 години. Службата за општи и заеднички работи на Владата на следната седница ќе достави информации околу целокупната постапка, и потоа Владата ќе донесе одлука што ќе прави понатаму со овој комплекс – рече Мирчевски.
Концесионерот на „Македонско село“ имаше договор за јавно-приватно партнерство склучен на 20 години. „Македонско село“ првпат беше отворено во 2016 година.
– Менаџментот на комплексот „Македонско село“ донесе одлука за затворање на комплексот и истиот тој престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години – пишуваше завчера на фејсбук-страницата на „Македонско село“.
Концесионерот напиша дека и покрај нивната желба и вложувањето финансиски средства и на човечки ресурси за „Македонско село“ да работи економски и рентабилно, по извршените анализи по истекот на двегодишното управување и работење со жалење констатираа дека комплексот работел исклучиво со загуба. Каква ќе биде судбината на „Македонско село“ понатаму треба да одлучи Владата. Претходната влада во изградба на селото вложи 5,2 милиони евра, додека, пак, 1,3 милион евра чинеше внатрешното уредување и плус 30.900 евра беа потрошени за клупи, патокази и за три електромобили со кои се пренесуваа куферите на гостите во селото.