Фото: Дарко Андоновски

Законските регулативи дозволуваат донирање храна, но на донацијата се наплатува данок од 18 отсто, па поради тоа компаниите почесто се решаваат да ја фрлат храната, отколку да ѝ платат данок на државата

Околу 12.000 тони храна се фрлаат годишно во Македонија, наместо таа да заврши кај луѓето на кои им е потребна, како сиромашните и бездомните лица. Законските регулативи дозволуваат донирање храна, но на донацијата се наплатува данок од 18 отсто, па поради тоа компаниите почесто се решаваат да ја фрлат храната чиј рок истекува, отколку за тоа да ѝ плаќаат данок на државата.

Во Македонија здруженијата како „Мрдни со прст“, „Љубезност“ и „Ретвитни оброк“, „Ајде Македонија“, „Сите сити“ континуирано со своите акции се обидуваат да влијаат врз свеста на граѓаните, за да им помагаат на оние сограѓани што се во понезавидна состојба. Акциите на овие организации, кои овозможуваат околу 200 оброци секој викенд за социјално ранливите групи и воспоставување соработка со голем број граѓани и организации, укажуваа дека постои желба да им се помогне на оние што немаат.

Здружението „Сите сити“ прави напори за да се сменат овие регулативи за да се искористи фрлената храна и да им се помогне на социјално ранливите групи граѓани.
Угостителските установи и супермаркетите фрлаат големи количества храна. На годишно ниво во Македонија се фрлаат околу 12.000 тона храна, велат од еколошките здруженија.

– Законски таа храна не смее да се употребува. Законот за донирање храна предвидува плаќање данок и до 18 проценти за донирана храна. Исто така, овој закон предвидува храната со истечен рок да мора да се уништи, а уништувањето на еден тон храна чини од 50 до 100 евра – вели Кристијан Калинов, активист на граѓанската организација „Ретвитни оброк“.

Организацијата „Сите сити“ прави обиди да направи систем со кој вишокот храна, што е во добра состојба, нема да завршува на депониите, туку ќе се пренамени онаму каде што е неопходно.

– Станува збор за систем што има цел вишокот храна, што е во добра состојба и безбеден, да не заврши на депониите, туку да се пренамени онаму каде е неопходен. Сѐ уште сме во преговори, но следен чекор е да се поедностави целата процедура за донирање на храната преку менување или правење нов закон за донирање храна. Нашата цел е да се смени пристапот, да се плаќа такса за уништување на храната, а не за донирање на храната. На компаниите да им се олеснат давачките, поточно да бидат ослободени од данокот и ДДВ доколку сакаат да ја донираат храната – вели Блаже Јосифовски од „Сите сити“.

Доколку се направат пресметки, според податоците од Државниот завод за статистика, податоците од Министерството за труд и социјална политика и стандардите за дневни потреби од храна според Обединетите нации, ќе се заклучи дека 460 илјади луѓе во Македонија немаат три оброци дневно. Според изнесените информации на конференцијата за донирање на вишокот храна „Сите сити 2019“, Македонија го зазема десеттото место во светот по фрлање храна. Еден до пет луѓе секојдневно немаат пристап до доволно количество храна, додека годишно се трошат 1.000.000 евра за отстранување на вишокот храна, се наведува на интернет-страницата на хуманитарната организација „Ајде Македонија“.

– Пред две години само констатиравме состојба со гладот во државата и дека се фрла храна, а имаме гладни луѓе. Сега само по две години веќе има реализација на програма и тоа финансирана преку државните институции каде што граѓанските организации се обединуваат и се обидуваат да постигнат максимум во задоволување на потребите од храна на граѓаните. Од друга страна, како што велат од мрежата, превенирале 68 илјади тони храна да не завршат во ѓубре. Тоа покажува дека можеби ова решение, кое тие го спроведуваат понатаму, ќе доведе до системско решение, а ние како влада во 2020 година ќе го разгледаме низ системски и законски решенија и ќе го воспоставиме во практика – наведе министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на конференцијата за донирање на вишокот храна „Сите сити“ 2019.


Околу 42 отсто од комуналниот отпад е биоразградлив

Според истражувањата на Организацијата за храна и земјоделство, производството на храна е еден од главните придонесувачи за глобалните емисии на јаглерод. Всушност, околу седум проценти од глобалните емисии на јаглерод се директно поврзани со храната што завршува на отпад. Според овие информации, може да се каже дека отпадот од храна е глобален проблем. Денес во Македонија 99,4 отсто од комуналниот отпад се депонира, а се состои од стакло, пластика, хартија и друг вид отпад. Од вкупните 543.644 тони мешан комунален отпад, 42 отсто или 228.330 тони е биоразградлив отпад. Најголемиот дел од биоотпадот се состои од храна и отпадоци од храна, се наведува на веб-страницата на „Ајде Македонија“.


Зошто храната завршува на отпад?

Според некои невладини организации, создавањето отпад од храна се припишува на неодговорното однесување на потрошувачите. Тие сигурно придонесуваат во создавањето на отпадот од храна, но тие се само дел од приказната. Според истражувањето на Универзитетот од Минесота, храната завршува на отпад од неколку причини. Производството, како на пример во земјоделството гарантира снабдување со храна во земјата. Но честопати за да се обезбеди доволно храна, доаѓа до прекумерно производство на прехранбени производи.
Друга причина може да биде контаминацијата на храната во процесот на снабдување. Како на пример за време на жетва, складирање, преработка или транспорт. Неконзистентните, а понекогаш и предвремени датуми на истекување, предизвикуваат потрошувачите да ја фрлат храната што сè уште не е расипана.
Има луѓе што имаат аверзија да јадат храна што не е во врвна состојба. Ако некој прехранбен производ или храна што е отстоена или не изгледа како да е свежа, тие ја фрлаат. Иако овие производи се сигурни за јадење ваквиот тип луѓе не ги консумираат овие производи.
За да им се понуди на потрошувачите достапност на сите производи во секое време, често угостителските објекти и продавниците ги пренатрупуваат полиците со прехранбени продукти, кои ако не се купат, сите завршуваат на отпад.

[email protected]