Во зградите во кои лифтовите не работат се соочуваат со проблем не само станарите туку и медицинските екипи од Брзата помош, кои секојдневно 24 часа посетуваат болни, и тоа во сите општини во Скопје. Во некои од објектите лифтовите, иако се во возна состојба, се исклучуваат по направените технички прегледи, затоа што не ги исполнуваат високите ЕУ-стандарди
Хронична болка на нефункционални и небезбедни лифтови за која сѐ уште не се најде лек
Лифтовите се основни превозни средства во многукатните станбени згради. Но во објектите каде што тие не се функционални, станарите секојдневно се соочуваат со одење пеш по скалите, и тоа по неколкупати во денот. За оние што прележале ковид-19 и сѐ уште се кондициски слаби, вистински потфат е од продавница да стигнат по скали до својот стан на погорните катови. Најтешко им е на болните, исцрпени и немоќни тие не се во состојба да одат по скали. Уште поголем проблем за да стигнат до нив секојдневно имаат екипите на Брзата медицинска помош, кои, пак, доколку треба и да транспортираат некој болен, се на вистинска мака.
Со лифтот имаат проблем и станари од станбена зграда во Кисела Вода, стара речиси шест децении. Иако лифтот им бил во возна состојба и редовно сервисиран, тој сега бил исклучен затоа што по направениот технички преглед им било кажано дека е потребна замена на многу делови за потоа тој да биде безбеден и пуштен во употреба. Станарите не знаат дали тоа ќе се случи набрзо, бидејќи сето ова им се чини многу скапо. Според направената процена, замената на деловите ќе изнесува 19 илјади евра, сума што треба да ја покријат 24 домаќинства за да може лифтот повторно да биде пуштен во употреба, а тие тешко ќе можат да го платат тоа. Сега и болните и здравите во седумкатницата се качуваат пеш и немаат надеж дека во скоро време лифтот ќе им биде пуштен во употреба. Во овој период на пандемија ваквите згради во Скопје, во кои лифтовите не работат, се вистински кошмар за медицинските екипи што секојдневно 24 часа посетуваат болни во градов.
– Кога се во прашање лифтовите, секојдневно се соочуваме со проблем, и тоа во сите општини во Скопје. Не функционираат лифтови во старите згради, но има и нефункционални лифтови во нови станбени згради. Лани во зграда во Карпош ни почина пациент поради нефункционалниот лифт. Како ќе симнете по скали пациент што имал инфаркт. На луѓето каде што одиме на интервенција, а лифтот не им работи им кажуваме да си најдат соседи да им помогнат, а сега никој не сака, затоа што е пандемија, од страв да не се зарази. Ни страдаат екипи од ‘рбети, па бројот на персоналот ни се преполовува, затоа што сами мора да креваат тешко, а во екипите може да има две жени, лекарка и сестра, и возачот. Сега чекаме да ни стигне носило, некоја јапонска донација за носење пациенти по скали. Куќните совети мора да си издвојат средства да си ги поправаат лифтовите, всушност и општините им помагаа со субвенции за поправка на лифтовите во станбените згради. Нам што живееме во куќи, кој ни помага, за обнова на покрив издвојуваме по 15 илјади евра, затоа не треба да чекаат од друг, мора сами да направат нешто за себе. Ние 24 часа се судираме со проблем на нефункционални лифтови кога одиме на интервенција кај пациенти. Нашите вработени го прават тоа по цена на сопственото здравје. Во Холандија бев сведок кога екипата не можеше да транспортира пациент од станбена зграда по скали, тежок човек, па дојде специјално медицинско возило со дигалка и го извадија пациентот преку прозорец, а кај нас уште се соочуваме со лифтови што не работат – вели д-р Милица Бубало, раководителката на Итната медицинска помош.
Техничките прегледи исклучуваат и лифтови во возна состојба
Колку лифтови има во градот, нема точни официјални бројки, а стари се податоците и за лифтовите во земјава, како што се стари и поголем дел од лифтовите во градот. Тие едвај функционираат, а по извршените едногодишни технички прегледи, принудно се исклучуваат. Иако се во возна состојба, поради високите ЕУ-стандарди, кои мора да се исполнат, се исклучуваат и не се дозволува нивно користење.
– Во станбените згради 80 отсто од лифтовите немаат направено технички преглед. Во згради, пак, до четири ката на е задолжително да има лифтови, но не мора секогаш да е така. Она што е проблем е тоа што има згради што имаат многу мали лифтови и во нив не може да влезе ниту инвалидска количка, ниту медицинско легло и тоа е спорно. Еднаш годишно мора да се прави годишен преглед, лифтовите се возна состојба, но проблем е што се поставени многу високи стандарди од Европската Унија, кои ние не можеме финансиски да ги достигнеме, зашто за нас се превисоки. Многу од лифтовите на кои им е направен технички преглед се исклучени а се во функција, треба да претрпат одредени корекции, да се променат одредени делови, и поради тоа се водат како технички неисправни – велат од Стопанската комора на Македонија.
Високите давачки за сервисирање на лифтовите, но и парите што не можат да ги обезбедат заедниците на станарите ги оставаат без превозни средства во објектите.
– Лифтовите најчесто се дотраени и треба редовно да се сервисираат на една година. Но самите станари во станбените згради немаат толкава финансиска моќ, па ако им кажеме дека треба да го направат тој технички преглед, веднаш реагираат дека само ќе им се земат пари. Тоа е една од причините зошто не се безбедни лифтовите како во старите така и во новите станбени згради. Некои сега во ова време на пандемија не го користат лифтот поради контаминација, се плашат да не се заразат. По зградите одевме да дезинфицираме, па и за тоа ни реагираа дека ќе им ги земеме парите, дека им ги оптоваруваме буџетите. Во Скопје има еден станбено-деловен објект на улицата Ленинова во кој во лифтовите е поставено ултравиолетово зрачење, со кое секогаш кога патниците ќе го напуштат лифтот, кога кабината е празна, автоматски се врши дезинфекција. Кај лифтовите едно е секојдневното одржување, а друго се месечните прегледи -вели Васе Самараков, претседател на Групацијата на управители за домување при Стопанската комора на Македонија, додавајќи дека нема понови податоци и неофицијално во земјава има околу 10 илјади лифтови.