Од градот сѐ уште нема потврда од кога „Лајка“ ќе почне да работи. Она што најмногу бараат граѓаните е тргање на кучињата скитници од улиците и ефикасно решавање на проблемот со бездомните животни
Секој ден полициските билтени бележат најмалку по две каснувања од кучиња скитници во различни делови на Скопје. Токму поради зголемениот број напади, скопјани едвај чекаат да профункционира во практика новоформираното претпријатие „Лајка“, за кое од градот сѐ уште нема потврда од кога ќе почне да работи. Она што најмногу бараат граѓаните е тргање на кучињата скитници од улиците и ефикасно решавање на проблемот со бездомните животни, кои навистина премногу се намножија. Летово ним им се придружија и домашни миленици, пуштени од нивните сопственици, кои користеле годишен одмор, кои си ги прибираа по нивното враќање дома.
Со месеци нема кој да се грижи за уличните кучиња. Сега е формирано претпријатието „Лајка“, а стационарот „Вардариште“ повеќе не постои. Целиот имот и опрема на стационарот и официјално прејдоа во новоформираното претпријатие, кое доби право на користење. Според најавата од градот, „Лајка“ ќе го спречи неодговорното сопствеништво. Градоначалникот Петре Шилегов одамна навести дека со формирањето на новото претпријатие им се дава можност на граѓаните и на невладините организации да можат да се вклучат во работата и функционирањето на новото претпријатие. Но она што сега е неодговорено, е кога „Лајка“ ќе почне да работи и до кога бездомни кучиња ќе бидат опасност за луѓето.
Градот Скопје уште во февруари годинава донесе одлука за формирање на „Лајка“, јавно претпријатие за хуман третман на животните и како што тогаш беше кажано новото јавно претпријатие ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика. Неговото формирање беше оправдано од повеќе причини, пред сѐ поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни, што резултира со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини, каде што често ги напаѓаа граѓаните. Во текот на 2018 година против градот Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое беше одговорно за „Вардариште“, беа поднесени над 200 тужби за надомест на штета поради напад и гризнување од бездомни кучиња.
– Минатиот вторник на седница, советот на градот Скопје донесе одлука за пренос на правото на управување, стопанисување и користење на целокупниот имот и средства на постојниот стационар „Вардариште“ од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје на ЈП „Лајка“ – Скопје, со што целиот имот и опрема и официјално прејдоа во нејзино користење. Во стационарот „Вардариште“ изминатиов период започна целосна реконструкција на двата објекта, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Истите тие ќе бидат комплетно заменети со нови посовремени стандарди во служба на основните потреби на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма – велат од градот.
– Во „Лајка“ ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња. Покрај реконструкцијата на постојните капацитети на стационарот „Вардариште“, Градот Скопје и новото претпријатие ќе работат на изградба и на нови, како и на проширување на услугите што ги нуди. Целта на сите стационари е заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирање и процедури за удомување од заинтересираните граѓани, а не нивно трајно задржување. Градот Скопје работи на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, за да се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на т.н. неодговорно сопствеништво. Имено, Агенцијата за храна и ветерина во голема акција, заклучно со 31 март 2019 година, бесплатно исчипира 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на регистарот на миленици. Додека не се воведе ваков вид евиденција и регистар на сопственици, ние и другите надлежни институции не сме во можност да ги санкционираме, бидејќи самото куче не е заведено во чија сопственост е – објаснија од градот Скопје.