Лавицата Акети од зоолошката градина во Берлин е нов жител во скопската зоолошка градина. Лавицата која е стара 12 години пристигна во Скопје пред шест дена и веќе се прилагодува на условите. За неколку месеци друштво ќе ѝ прави и лавот кој треба да пристигне од Софија.
Од ЗОО-Скопје велат дека лавицата е добиена поради соработката со Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА).
Во Скопје пристигнаа и четири ему птици бебиња кои од вработените ги добија имињата Теди, Ким, Бланка и Вили. Ему птицата потекнува од Австралија и е втора птица по големина во светот, веднаш по нојот.
Четирите ему ќе живеат во живеалиштето на кенгурите или реон во зоолошката познат како „Австралија“.