Според МВР, лани имало 404 пријавени случаи, а годинава само до септември има 428 каснати лица од кучиња скитници. Последниве три години се активни околу 190 судски предмети на граѓани поради напади од нерегистрирани кучиња и кучиња скитници
Покрај полициските билтени, кои речиси нема ден да не објават информација за каснати граѓани од кучиња, и социјалните мрежи не запираат со објавување информации за напади од бездомни животни. Граѓаните коментираат дека сакаат да имаат мирен живот, да не мораат да се плашат ако излезат надвор од своите домови. Новоформираното претпријатие „Лајка“ се очекува допрва да почне со работа, а токму поради тоа што нема кој да ги заловува бездомните кучиња, се намножија тужбите од граѓани што бараат надомест на штета од градот Скопје и јавното претпријатие „Kомунална хигиена“. Тоа, пак, секако значи одлив на пари од градската каса за плаќање тужби наместо да се реализираат други проекти.
Нападите од уличните кучиња станаа секојдневие на скопјани и на жителите од речиси секоја скопска населба. Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во однос на изминатата година, годинава заклучно со првите десет дена од овој месец има поголема бројка на каснати од куче скитник отколку лани за цела година.
– Во текот на изминатата година на подрачјето на градот Скопје се пријавени вкупно 404 случаи на каснати лица од кучиња скитници, додека од почетокот на оваа година, заклучно со 11.9.2019 година, на подрачјето на градот Скопје се пријавени вкупно 428 случаи на каснати лица од кучиња скитници – велат од МВР.
Но во оваа бројка сигурно не се влезени оние што можеби не пријавиле.
– Од 2016 година до денес, активни се околу 190 судски предмети на граѓани поради напади од нерегистрирани кучиња и кучиња скитници и во принцип секогаш се оптужуваат и градот и јавното претпријатие, од кои 140 предмети се во прв степен пред Основниот суд Скопје 2, а околу 50 предмети се во жалбена постапка пред Апелацискиот суд во Скопје. Некои пресуди се солидарни за двата субјекта, некои се за јавното претпријатие, а во некои се задолжува само градот Скопје да ја исплати пресудената штета. Пресудите се меѓу 60.000 и 120.000 денари, во зависност од обемот на настанатата штета и доказните материјали – велат од градот Скопје.
Има граѓани што навистина не знаат што треба да направат во случај кога се каснати од улично куче и не знаат дека можат да побараат обесштетување од градот или општината.
– Граѓаните може да побараат отштета, во согласност со законот, од единиците на локалните самоуправи или од јавните претпријатија, доколку им е делегирана дејноста, само во услови кога се нападнати од бездомно куче, додека во друг случај доколку бидат каснати од куче што има сопственик, отштетата се побарува од сопственикот – велат од градот Скопје.
Но за граѓаните да ја документираат постапката треба најпрвин да извадат лекарска потврда од здравствена установа како доказ, да го пријават случајот во полиција, па потоа да го тужат градот Скопје или ЈП „Kомунална хигиена“. За да се извади лекарска потврда е потребно граѓаните при посетата во амбуланта да носат здравствена легитимација или картон за имунизација. Медицинските лица потоа ќе му земат анамнестички податоци на пациентот дали кучето што го каснало е скитник или има сопственик и, врз основа на добиените информации, лекарот прави процена дали треба да се започне со одредена терапија или не. Од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје велат дека при таа процена исто така се утврдува дали се почнува со заштита од тетанус или заштита против беснило, од каде што тврдат дека имаат доволен број на вакцини „тетанус“.
– Во 2018 година на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се јавиле 1.260 пациенти што биле каснати од куче, од кои некои биле каснати од кучиња скитници. Од оваа бројка, кај 62 пациенти е спроведена заштита против беснило. Во 2019 година, до 1.8.2019 год., амбулантски се прегледани 732 пациенти каснати од куче, од кои кај 68 е спроведена заштита од беснило. Во текот на двете години кај одреден дел од пациентите врз основа на календарот за имунизација е проведена и антитенична заштита – велат од Клиниката за инфективни болести.
Во вакви случаи граѓаните што биле нападнати од кучиња скитници и претрпеле физичка болка може да добијат отштета од 35.000 денари, за претрпен страв 30.000 денари, за претрпена душевна болка, поради намалена животна активност износ од 20.000 денари и за нагрден износ од 5.000 денари или вкупен износ од 90.000 денари. Колку од овие суми треба да им надомести на граѓани што го тужеле градот, не може да се прецизира во моментов, бидејќи некои од постапките траат, а бројот на предметите постојано расте.