Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од вкупно изгубени 32.849 документи, дури 14.316 биле лични карти, кои минатата година граѓаните ги огласиле за загубени во „Службен весник“. Но граѓаните од најразлични причини остануваат и без возачки дозволи, дипломи, студентски индекси, мемориски картички, работни, воени и штедни книшки дозволи за оружје итн.

ДАНОК ЗА НЕВНИМАНИЕ, КРАЖБИ И БРЗО ТЕМПО НА ЖИВОТ

Граѓаните често губат лични документи, свидетелства, лични карти, возачки дозволи, пасоши и друго, но најчесто минатата година се губеле личните карти. Од вкупно изгубени 32.849 документи, дури 14.316 граѓани минатата година, почнувајќи од 1 јануари заклучно со 31 декември, своите лични карти ги огласиле за загубени во „Службен весник“.
Еден од начините на кои граѓаните останале без некои од личните документи се и џебните кражби, кои на пример од почетоков на годинава досега најчесто се случувале во автобусите на јавниот превоз, на автобуските постојки и на пазарите.
Според бројот на огласите во „Службен весник“, веднаш по личните карти по бројот на загубени документи се пасошите, а лани без нив останале дури 1.689 граѓани. Од различни причини биле изгубени и свидетелства за завршено образование, а вакво искуство во 2020 година имале 4.777 граѓани. Нешто помалку биле изгубени возачки дозволи, односно 4.232, и 3.513 сообраќајни дозволи. Од вкупно 32.849 изгубени лични документи, 1.778 се изгубени дипломи, 478 картички за здравствено осигурување, 263 студентски индекси.
Граѓаните губат и мемориски картички, работни, воени и штедни книшки, потоа дозволи за оружја, студентски и воени легитимации, уверенија, девизни книшки и други документи. Личните документи граѓаните ги губат на различни начини, а многу често од невнимание или кражба на паричници, па крадците освен пленот со парите, остатокот не ги интересира. Искуството покажува дека тие ги фрлаат паричниците со сите лични документи што се наоѓаат во нив.

Но она што е посебно за обележување е фактот дека губењето документи граѓаните ги чини пари и време, а најмногу од сѐ – трчање по шалтери, што за многумина е како одење по жар. Огромните редици, нервозата, недисциплината – за многумина се доволна причина за губење на нервите, па често се случуваат и инциденти, а граѓаните се на работ да се откажат од целата постапка, бидејќи не може секој да ја издржи долгата процедура што го чека пред некои од шалтерите за вадење нови документи или продолжување на старите.
Сепак, оние што ќе се решат да ја почнат постапката, треба да знаат дека најпрвин мора да ги огласат во „Службен весник“, за потоа да започнат постапка за вадење нови документи.
Во „Службен весник“ личните документи се огласуваат за неважечки без оглед на тоа дали се изгубени, украдени, оштетени, издадени со печатна грешка итн. Од тие причини, немаме податоци по која основа се поднесуваат барањата за огласување неважечки документ – објаснија од „Службен весник“.
И во Министерството за внатрешни работи не можат да кажат какви документи најмногу губат граѓаните, односно колку од документите им се изгубени, колку украдени или колку им се најдени. Документите само ги одделуваат настрана од другите предмети при извршените џебни кражби.
Во периодот од јануари до април 2021 година се извршени 166 кривични дела џебни кражби, а од нив 56 биле извршени во јавен превоз – автобуси, 33 на автобуски постојки, 42 на зелените пазари, десет во објекти за услужна дејност (продавници, маркети, трговски центри), 18 на друг јавен простор, најчесто на улица, и седум биле во други објекти (болница, обложувачница и слично). Напоменуваме дека во согласност со начинот на водење на податоците, џебните кражби се расчленуваат на паричници, мобилни телефони, пари или банкарски картички и друго -велат од МВР.
Најмногу џебни кражби на паричници во кои имало и лични документи, за првите четири месеци од годинава, имало во Скопје, односно 70 биле пријавени во полициската станица во Центар, а 31 кражба биле евидентирани во полициската станица на Бит-пазар, во кои исто така граѓаните останале без своите лични документи. Во Гази Баба 23 граѓани, а во Карпош четиринаесетмина ги загубиле своите документи при кражба, а нешто помалку во другите општини.