Сликите со ѓубре во градот и во околината може да се видат сѐ почесто. Несовесни посетители ги загадуваат излетничките места околу Скопје. Ниту Водно не е поштедено од непримерни посетители, кои фрлаат лименки, стакла и разни видови неразградливи материјали
Ако повеќе се валка отколку што комуналците и општините можат да постигнат да исчистат, тогаш ниту градот ќе биде чист, ниту пак ќе ја снема сликата со ѓубришта и диви депонии во природата. Затоа се валкани тревниците покрај патиштата, по секој излет остануваат купишта разновидно ѓубре во излетничките места, а такви се сликите и по секој одржан настан на отворено. Малкумина се оние што своето ѓубре го собираат во најлонско ќесе и го фрлаат кај што му е место.
Сликата во градот и во природата мора секој сам да ја поправи и да придонесе таа да биде убава. Ова особено треба да го направат младите, тие да бидат пример и едукатори на сите други, кои тешко ги менуваат своите навики. За жал, и некои од нив покажуваат непримерно поведение кога се во природа.
Во таа смисла посебна приказна е планината Водно. Сликата по нивниот престој во природа покажува нешто друго. И тоа не само еднаш, туку повеќепати. Последниот пример го забележавме минатиот викенд. На патот за Сончев Град, од другата страна на планината, на ридот веднаш над кружниот тек на населеното место Сопиште, по својот престој во вечерните часови, младите направиле цела депонија. Ридот е преполн со остатоци од лименки, стаклени шишиња, најлони, тетрапак-пакувања од разни производи и други отпадоци што ги исфрлиле од своите автомобили, до рампата што е поставена на патот за Средно Водно.
Ова го потврдуваат и локалните жители. Со отпад ги наполниле дури и бурињата што се поставени да ја држат металната рампа, поставена за да не одат понатаму. Од едната страна на патот има чиста природа со многу иглолисни ниски дрвја, а подолу дива депонија од оние што треба да ја чуваат животната околина. За жал, ваква слика, шаренило од ѓубре, многупати имало на повеќе излетнички места. Ѓубре по тревниците, покрај реките, во шумите, во парковите, по автопатиштата и патиштата, каде што се фрла ѓубре низ автомобилските прозорци.
Ако сами си валкаме, сами треба и да си исчистиме. Кој да ни го исчисти сето ѓубре фрлено во природата? Оние што не внимаваат на животната околина, мора да знаат дека ако ја загадуваат природата таа само може да им врати како бумеранг.