Речиси нема населба во која нема улици со пропаднати шахти под нивото на асфалтот, кои често се причина за оштетување на возилата. Најголем проблем е што нема единствена служба што би се грижела за нивно нивелирање
Речиси нема населба во која нема улици со пропаднати шахти под нивото на асфалтот – Хром, Автокоманда, Драчево, Топанско Поле, Чаир, дури и во Центар. На пропаднати шахти се жалат и жители на скопско Сопиште, кои велат дека четири години никој не ги нивелирал шахтите, кои станале опасни дупки во асфалтот за сите што не сообраќаат често по нивните улици. Други, пак, сведочат за пропаднати шахти и на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, близу старата фабрика „Алумина“.
Пропаднатите шахти во уличните коловози се опасни колку и ударните дупки во асфалтот на сообраќајниците. Оние што знаат каде се наоѓаат и секојдневно поминуваат по истите улици можеби и вешто ги избегнуваат, но оние што не знаат и нема да ги забележат многу лесно налетуваат на нив, а последиците може да бидат повеќе од сериозни и да го оштетат возилото. Уште поопасни се ваквите шахти за велосипедистите. Во ноќните часови на нив може да настрадаат дури и пешаците, па да добијат и понекоја потешка повреда од кршење екстремитети. Скопјанец што секојдневно користи велосипед тврди дека многупати до сега ќе настрадал ако не знаел каде точно се наоѓаат.
Граѓаните се прашуваат која е причината за пропаѓањето на шахтите, дали е во прашање лошата изведба или, пак, лошиот квалитет на асфалтот на коловозите. Тие често реагираат и коментираат дека надлежните како да заборавија на нивелирањето на уличните шахти, па нивното пропаѓање во асфалтот како никој да не го забележува.
– Бевме во такси и веќе блиску до нашата зграда, кога наеднаш се слушна тресок на такси-возилото на улицата Тале Москов. Бидејќи двајцата разговаравме на задното седиште, не видовме што се случи и помисливме дека таксистот удри во друго возило. Но тој веднаш изреагира и рече дека сигурно возилото му се оштетило, зашто удрил на пропадната шахта и дека оттука ќе мора да оди на сервис, затоа што не смее да ризикува да вози патници, па додаде каква среќа има вторпат да му се случи вакво нешто – раскажува жител од општината Бутел.
Проблемот со нивелирањето на шахтите нималку не е безопасен за надлежните да го запостават неговото решавање. Јавното претпријатие „Улици и патишта“ е задолжено за нивна санација, но тоа, пак, од друга страна, реагира по налог на градот. Ова го потврдуваат и градските власти. Од градот го добивме класичниот одговор, кој не кажува ништо, дека состојбите се констатираат, но не се преземаат мерки проблемот да се реши.
– Самата причина за пропаѓањето на шахтите е различна и таа може да варира од дотраеност на коловозот до оштетувања што се создаваат со користењето на сообраќајниците и со тежината на возилата и слично. Ова е материја за која се посветува многу внимание во текот на реконструкцијата на сообраќајниците што се во надлежност на градот. Доколку граѓаните имаат забелешка за конкретни локации на сообраќајници што се во надлежност на градот Скопје, може да ги достават до Секторот за планирање и уредување на просторот или до ЈП „Улици и патишта“ – велат од градот Скопје.
Од ова претпријатие, пак, појаснуваат дека со текот на годините асфалтот и шахтите реагираат различно, независно од изведбата и квалитетот на асфалтот.
– Пропаѓање на шахтите под нивото на асфалтот најчесто се случува на улици што се постари од десет години, за кои е потребна реконструкција, освен во екстремни услови, кога се работи за лоша изведба на шахтата. Во владение на ЈП „Улици и патишта“ се само семафорските шахти, односно надлежни се само за семафорските шахти. Сите други шахти на други субјекти, како канализациските, водоводните, телефонските шахти, шахтите на ЕВН, шахтите од операторите се во нивна сопственост и тие се надлежни да ги нивелираат. ЈП „Улици и патишта“ постапува само по налог од градот Скопје за оние шахти што не се во негова надлежност.
Нивелирањето на шахтите, ЈП „Улици и патишта“ го врши по налог на градот Скопје – објаснуваат од претпријатието Улици и патишта.
Ако за сите пропаднати шахти за кои се надлежни од градот Скопје сега граѓаните почнат да ѕвонат во Секторот за планирање и уредување на просторот или до ЈП „Улици и патишта“, дали тоа ќе треба да го направат и до сите други претпријатија што имаат шахти по улиците? Треба ли тоа да биде или заедничка обврска на надлежните?