Препорачливо е да се дератизираат и колективните и индивидуалните објекти. Особено е штетно присуството на глувците, кои се носители на паразити или вируси, бидејќи тие претставуваат преносители на над 35 болести. Експертите сметаат дека април и мај се најпогодни за пролетна дератизација
Некои од скопските општини веќе ја реализираат пролетната дератизација, а други доправа ќе го прават тоа. Но граѓаните нема да се ослободат комплетно од глодачите, доколку не направат и дератизација на своите домови или станбени објекти. Екпертите сметаат дека април и мај се најпогодни за пролетна дератизација. Секогаш велат таа треба да се практикува напролет и наесен кога глодачите се раздвижуваат од внатрешните објекти надвор и обратно кога повторно бараат засолниште од претстојните постудени денови на местата каде што има повеќе храна за да преживеат.
Глувците често може да се појават во домовите на луѓето, а не е невообичаено и да ги има и на погорните катови од станбените згради. Тие се природни носители на голем број паразити и причинители на многу зарази кај човекот и домашните животни.
– Не можев да поверувам дека глувците се качуваат и по фасадата на зградата. Пиев кафе на терасата и отспротива на влезот до мојата зграда по ѕидот видов како се качува глушец и влезе на терасата од третиот кат. По неколку дена ѝ кажав на сосетката, а таа ми се пожали дека се намачиле додека стаорецот влегол во стапицата што му ја поставиле. Бевме згрозени и двете, оттогаш не оставам отворена врата – вели скопјанката Елица Стојманова.
Експертите се децидни ако во една станбена зграда има глувци или лебарки, тогаш не е доволно да се изврши дератизација или дезинсекција само во еден стан. Препорачливо е станарите да се организираат преку своите куќни совети и да испрскаат во визбите, скалилата и во потпокривите, ако ги имаат. Куќните совети можат со едноставно јавување на телефон да се обратат до Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција, која ќе ја посети нивната зграда на закажан термин. Граѓаните треба да знаат дека цената за извршување на дератизацијата е седум денари од квадратен метар, што значи за стан од 50 квадратни метри едно домаќинство треба да издвои 350 денари.
– Од април веќе се почнати дератизациите во некои од скопските општини и некои веќе се завршени. Според биологијата на глодачите, сега кога се пораздвижени добро е да се дератизираат и колективните и индивидуалните објекти. Многу често се случува станари индивидуално да побараат дератизација, но многу поголем е ефектот кога ќе се направи дератизација во целиот објект, па покрај скалилата, подрумските простории ги третираме и шахтите пред зградите.
Општо е познато дека глувците се преносители на туларемија, бруцелоза, лајмска треска… Заразата можат да ја пренесат преку изметот, урината и храната што ќе ја допрат. Пред околу четири години токму во скопскиот регион имавме случај на туларемија – вели Николина Соколовска, дипломирана земјоделска инженерка од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.
Особено е штетно присуството на глувците што се носители на паразити или вируси, бидејќи тие претставуваат вектори, преносители на заразни болести. Глувците се преносители на над 35 болести, вирусни и бактериски. Туларемијата е една од бактериските болести, која се пренесува преку нивната урина и измет.
– Во станбените згради во подрумските простории глувците се движат по теглите со зимница, по вреќите со компири и доколку не се внимава на хигиената може да се пренесат некои болести и на луѓето. Глувците се преносители на хеморагична треска, потоа на салмонела со тешка дијареја, специфичен менингит, потоа лептоспироза, најчесто кога се во влажни средини како што се оризовите полиња, а потоа можат да го заразат човекот. Во такви услови хигиената е многу важна, но најважно е колективните објекти да направат дератизација, токму сега кога ја реализираат и општините за да се намали присуството на глувците – истакна епидемиологот Билјана Филиповиќ Даниловска.