Надлежните се соочуваат со голем проблем од неправилното фрлање на отпадот / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, побара измена на законската регулатива со што општинските инспектори би добиле поголеми овластувања, а државните инспекторати би биле целосно укинати. Овие измени би придонеле за поефикасни општински и градски инспекциски служби, т.н. комунална полиција и слично, информираат од Градот

ТРОТОАРИТЕ НА БИТ-ПАЗАР ПОЛНИ СО ЃУБРЕ

Дивите продавачи по должината на булеварот Крсте Петков Мисирков, локација повеќе позната како Бит-пазар, не само што ги блокираат тротоарите наменети за пешаците туку и оставаат големо количество отпадоци откако ќе им заврши работниот ден.
Картонски кутии, ќесиња, разни пакувања од чевли, остатоци од храна, пластични шишиња можат да се забележат во попладневните часови низ целиот тротоар и од едната и од другата страна. Понекогаш дури можат да се забележат и искршени пластични столчиња расфрлани пред продавниците и автобуските станици.
Ваквата состојба трае со години. И покрај многуте спроведени акции за да се спречат и отстранат дивите продавачи, сепак по неколку дена тие повторно се враќаат на истите локации блокирајќи ги пешачките зони.
Граѓаните што постојано се движат на овој потег како пешаци, велосипедисти, но и со своите возила велат дека отпадоците доста често им причинуваат проблеми.
– Во попладневните часови навистина е грозно да се поминува на Бит-пазар. Огромни количества отпадоци секојдневно летаат на сите страни. За жал, постојано ги гледам од „Комунална хигиена“ како се борат со отпадоците. И навистина, наутро нема ѓубре, но попладне повторно сликата е иста. И тоа е така секој ден, цела година – вели Јасмина Јаковлеска.
За велосипедистите, отпадоците предизвикуваат сериозни проблеми бидејќи им се заплеткуваат во тркалата од велосипедите, па честопати како последица на тоа им се случуваат и незгоди.

– Неколкупати досега ќесиња ми се заплеткуваат во синџирот од велосипедот и во тој момент ми се блокираат тркалата и не можам да возам. За среќа, рефлексно реагирам, па веднаш застанувам на нозе. Но не секој има таква среќа, па многумина пред мои очи паднале од своите велосипеди – вели Алек Петревски, кој секојдневно со велосипед минува на овој потег.
Отпадоците, особено оние полесните, како што се ќесињата и празните пластични шишиња, се голем проблем и за возачите на автомобили.
– Кога дува ветер ќесињата летаат, а шишињата се тркалаат низ улицата. Во неколку наврати пластични ќесиња ми се залепиле на ветробранското стакло, па сум бил принуден нагло да закочам со возилото, затоа што не гледам каде возам. Среќа, немало поголем инцидент од таквата моја реакција, бидејќи немало возила и метеж во тоа време. Но може да се случи и некој да ме удри одзади како последица на наглото закочување. Нешто слично се случува кога повеќе пластични шишиња како последица на посилен ветер ќе се дотркалаат на коловозот. Тогаш со маневрирање ги избегнувам, за да не предизвикам материјална штета на возилата околу мене, бидејќи под притисок на воздух, лесно може шишето да одлета со голема брзина и да му предизвика некому штета – вели Горан Трпевски.
Дивите продавачи се чини дека предизвикуваат големи главоболки и за надлежните институции.
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираат дека се соочуваат со голем проблем на Бит-пазар, каде што континуирано неправилно се фрла најразличен отпад.

– Би сакале да нагласиме дека екипите на претпријатието секојдневно се ангажирани со чистење и отстранување на неправилно фрлениот отпад во овој реон и во таа насока повикуваме на поголема ангажираност на инспекциските служби што се задолжени за превенција и санкционирање на ваквиот тип прекршоци на Законот за јавна чистота – информираат од претпријатието.
Оттаму апелираат на свесност кај жителите на Скопје за штетните последици од неправилното фрлање отпад на јавни површини.
– Сето тоа резултира со создавање диви депонии и загадување на животната околина и наедно може да придонесе за ширење на ковид-19 – заклучуваат од претпријатието.
Градските власти, пак, велат дека досега спровеле поголем број акции и активности за отстранување на дивите пазарџии од оваа локација.

– За жал, станува збор за активност, која поради преголемите бирократски процедури и лошата законска регулатива, е прекомплицирано да се реализира почесто бидејќи бара присуство на поголем број учесници од разни инспекторати (општински, градски, пазарен, полиција…). За таа цел, во рамките на дебатата на темата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“, која се одржа минатата недела, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, побара измена на законската регулатива со што општинските инспектори би добиле поголеми овластувања, а државните инспекторати би биле целосно укинати. Овие измени би придонеле за поефикасни општински и градски инспекциски служби, т.н. комунална полиција и слично – информираат од Градот.

[email protected]