Карпош е на пат да ја добие првата енергетска задруга во Македонија. Локалната самоуправа за овој проект аплицира со здружението „МилиЕУконтакт Македонија“, на меѓународниот повик на германското федерално министерство за животна средина. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, објасни што всушност ќе се добие со овој проект и кој се ќе има корист од него.
– На покривот на училиштето „Братство“ ќе се постават фотоволтаици. Се прави мини-фотоволтаична централа што ќе ја управува енергетска задруга и која воопшто не зрачи и не му пречи никому. Задругари, односно членови на таа задруга ќе бидат 100 социјално ранливи категории од Општина Карпош. Парите ги добиваме за централата како грант, а деловите, уделите од неа ќе им се поделат на 100-те најзагрозени социјални семејства во Карпош, кои практично нема да треба да вложат сопствени средства, но затоа, пак, во иднина, ќе можат да остваруваат приход од оваа фотоволтаична централа – изјави градоначалникот Богоев, во утринска телевизиска емисија.
Енергетската задруга е здружение во кое може да се поврзат индивидуалци граѓани, минимум пет, минимум пет правни субјекти или, пак, цела заедница на станари (куќен совет). Притоа, тие можат да инвестираат пари и да постават фотоволтаици на покривот на својата зграда и заедно да го делат профитот од тоа што ќе остваруваат приход.
Придобивките од поставените фотоволтаици не се само во делот на заштедата што неминовно ќе ја остварат во потрошувачка на електрична енергија, туку ќе заштедат и во потрошувачка на топла вода. Со поставувањето фотоволтаици, задружниците ќе добијат и две броила (влезно и излезно) и ќе можат, доколку произведуваат повеќе струја од нивните потреби, вишокот да го продаваат на слободен пазар.
Богоев во емисијата зборуваше и за потребата од измени во начинот на финансирање на локалната самоуправа.
– Сметаме дека е нелогично, како досега, доминантно општините да се финансираат од такси за уредување на градежно земјиште, попознати како „комуналии“ што се плаќаат при градба на куќа или зграда. Тоа натаму ја диктира политиката во начинот на функционирање на Општината, така што станува врзан круг. За поголеми приходи, за да соберат повеќе пари, општините треба да продуцираат поголема градба.
Од друга страна, пак, кога продуцираат повеќе градба тоа подразбира дека има потреба и за поголемо вложување во улици, водоводи, канализации, се исцрпуваат капацитетите по градинките и училишта… Тоа е еден затворен круг што на крајот е нелогичен од аспект на намалување на агресивното градење и потребата од помали трошоци. Никаде на Запад, во развиените земји, локалните самоуправи доминантно не се финансираат од такса за уредување на градежно земјиште. Напротив, се финансираат од поголеми ставки, од стабилните приходи. Тоа се даноците. Конкретно зборувам за поголемиот дел од данокот, кој веќе се плаќа, да оди во општините: од ДДВ, поголем дел од средствата од данокот на игри на среќа. Еве, кај мене, граѓани од Порта Влае реагираат дека има многу отворени обложувачници, коцкарници, казина… Зошто тоа да не значи и повеќе пари за општината? Тогаш граѓаните ќе знаат дека со тоа се прибираат пари, кои ќе се наменат за нивен интерес, односно за решавање на нивните проблеми – рече градоначалникот на Карпош.