Според една студија направена во Стразбур, дрвјата засадени во градот го редуцирале присуството на ПМ10-честички во воздухот за седум проценти, со што се докажало дека и помалите зелени површини, сепак, помагаат во борбата со аерозагадувањето
СКОПЈЕ СО НОВИ ДВЕ ИЛЈАДИ КВАДРАТНИ МЕТРИ УРБАНИ И ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ
Свесни сме што и колку значи зеленилото во метрополата, која е еден од најзагадените градови не само во земјава туку и во светот. Аерозагадувањето е исклучително сериозен проблем за сите граѓани и ги напаѓа сите еднакво, без разлика на родовата припадност, возраста, етникумот или конфесијата. Токму зеленилото е еден од главните приоритети на градските власти, кои, за волја на вистината, изминатиот период инвестираа многу во раззеленување на градот, со надеж дека тоа барем малку ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето, покрај многубројните проекти, како што се субвенциите за велосипеди, за инвертер клима-уреди и за чистење оџаци.
ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА НАПРАВЕНИ ДВА ЗЕЛЕНИ СКВЕРА И ДРВОРЕД
Дека локалните власти одвојуваат доста време и енергија за раззеленување на градот говори и фактот што за неколку дена се отворени два зелени сквера и дрворед во Скопје.
Двата зелени сквера се лоцирани во Аеродром и во Тафталиџе, додека по должината на улицата Рузвелтова, во централното градско подрачје, екипите на градот засадија нов дрворед.
Жителите на Тафталиџе што живеат во близината на објектот на Противпожарната заштита, конечно, добија урбанизација на тој простор, кој досега беше запуштен и не служеше за ништо.
Сега жителите имаат околу илјада квадратни метри уредена површина, каде што ќе можат квалитетно да го минуваат времето со своите најблиски.
Оваа локација е една од петте микролокации каде што, освен зеленило, поставени се и детски реквизити за анимирање на најмладите жители. На оваа локација се поставени и инклузивни реквизити, кои се безбедни и за децата со посебни потреби.
– Град Скопје посветено работи на обезбедување функционална животна средина за граѓаните во Скопје, која ќе подразбира квалитетна инфраструктура со доволно зеленило, за да можат граѓаните со уживање да ги спроведуваат своите редовни секојдневни активности – информираат градските власти.
Другата локација каде што беше отворен сличен зелен сквер е населбата Острово во Аеродром. по барање на локалните жители, на улицата Владимир Комаров запуштеното зеленило беше претворено во урбано место, каде што граѓаните квалитетно ќе го минуваат своето слободно време.
– Ова е последната од петте локации што оваа година ги промовиравме, а коишто ги работевме заедно со „Скопје Лаб“ и со УНДП, како една акција за уредување микросредини, во која инклузивно беа вклучени и граѓаните. Тие микросредини беа уредувани во согласност со потребите на граѓаните, по основа на анкетите што ги направивме со луѓето коишто гравитираат и живеат овде. Одбиравме сериозно девастирани површини што може да бидат ставени во употреба, но граѓаните не ги употребуваа токму поради тоа што беа запуштени и многу години неодржувани. Оваа парцела е на околу илјада квадратни метри, на раскрсницата меѓу улицата Владимир Комаров и булеварот Јане Сандански, и е направена врз основа на потребите на луѓето коишто живеат од двете страни на булеварот. Со гордост можам да кажам дека сега, кога и официјално го отвораме овој сквер, за граѓаните тој е веќе препознатливо место каде што луѓето од општината Аеродром доаѓаат да ги поминуваат своите слободни часови – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Целосно нов дрворед добија и жителите на улицата Рузвелтова. Заменети се сите исечени и паднати дрвја со нови, здрави висококвалитетни садници од видот црвен јавор.
Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ во изминатиот период извршија целосна обнова на дрворедот и на зеленилото, активност што започна пред околу две години. Дрворедот целосно е обновен со црвени јавори, кои се автентични растенија за скопската котлина.
КОИ СЕ ЕФЕКТИТЕ ОД ЗЕЛЕНИТЕ СКВЕРОВИ?
Аерозагадувањето има голем број негативни ефекти врз животната средина, вклучувајќи го и здравјето на луѓето, но и природниот екосистем.
Светскиот економски форум го окарактеризира аерозагадувањето како најсмртоносен вид загадување, додека Светската здравствена организација во 2016-та истакна дека повеќе од 92 проценти од светската популација живеат на локации каде што аерозагадувањето го нарушува здравјето на луѓето.
Според една научна студија, како недостиг од природа што би ја вршела своја еколошка улога, починале дури три милиони лица, како последица на вдишување штетни гасови.
Па, оттука, се поставува прашањето што и колку значи ваквото зазеленување на помали градски површини во Скопје.
Според една студија направена во Стразбур, дрвјата засадени во градот го редуцирале присуството на ПМ10-честички во воздухот за седум проценти, со што се докажало дека и помалите зелени површини сепак помагаат во борбата со аерозагадувањето.
Од тоа се предводени и сите зелени проекти на градските власти, кои сериозно му објавија војна на аерозагадувањето, но која, за жал, оди тешко најмногу поради несовесноста на жителите на метрополата, кои горат сѐ што ќе им дојде при рака, неконтролирано палат стрништа, но и ги загреваат домовите на енергетско неефикасни начини.