Поради извршување на градежни работи во рамки на реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ во Влае, како и поради извршување на градежни работи на топловодната мрежа од страна на БЕГ, и денеска дел од оваа делница ќе биде целосно затворена за сообраќај, информира Градот Скопје.
– Поради затворање на сообраќајната делница поради асфалтирање во правец од Карпош кон Ѓорче Петров, на потегот од мостот Влајко до кружниот тек кај Порта Влае, сообраќајот за возилата кои се движат во правец од Ѓорче Петров кон Карпош ќе се одвива од другата, новосфалтирана страна на булеварот Партизански одреди. Возилата, пак, коишто се движат во правец од Карпош кон Ѓорче Петров ќе можат да се движат по две траси. Првата е од мостот Влајко во десно на улицата „Иван Цанкар“, до улицата „Ацо Шопов“ и кон кружниот тек на Порта Влае, додека втората траса (и трасата по која ќе се пренасочени сите автобуси) е од мостот Влајко во лево по улицата „Ангел Динев“ и возилата се приклучуваат кон улицата „Војвода Васил Чакаларов“ се до крстосницата со улицата „Ѓорче Петров“ – соопшти Град Скопје.
Оттаму нагласуваат дека привремениот сообраќаен режим ќе трае до завршување на асфалтирањето на посочената траса.
Градските власти апелираат сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да ја приспособат својата брзина на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.