Белите дробови на главниот град Скопје за време на корона-пандемијата
Уште со почетокот на пандемијата, па потоа и со вонредната состојба, здравствените мерки за безбедност и препораките што повеќе да се престојува на отворено и на дистанца, Градскиот парк понуди широк простор и содржини за да можат граѓаните да излезат од затворениот простор во своите домови и безбедно и комотно да се релаксираат со прошетки, комплетно почитувајќи ги насоките и инструкциите на здравствените власти. Сведоци сме дека Градскиот парк повторно стана мегапопуларно место за граѓаните на Скопје, но од друга страна и животно неопходен простор заради здравјето и задоволството што тој има потенцијал да го понуди. Затоа стана кристално јасна потребата за чување, одржување и унапредување на тој животен простор и неопходноста самите граѓани, и како поединци, но и колективно да изградат навики и релација кон тоа зелено катче, кое не попусто е наречено „белите дробови на главниот град“.
Историјат и развој на Градскиот парк
Градскиот парк е подигнат во далечната 1905 година, по налог на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша, во времето кога Македонија била под турска власт. Тогаш се протегал на површина од 16.000 квадратни метри и бил уреден во строги геометриски форми со патеки и цветни површини. Бил наречен „Исљоана“ по тогашното занаетчиско училиште околу кое бил подигнат и претставува основа околу која понатаму се дооформува денешниот Градски парк. Најголема промена во однос на неговата структура и големина е направена во 70-тите години на 20 век, кога е изработен основен главен проект за Градскиот парк, а првата значајна реконструкција е направена во 2009 година.
Површина и локација
Градскиот парк се наоѓа во централниот дел на Скопје. Според катастарски податоци на ЈП „Паркови и зеленило“, кое е задолжено за одржување на Градскиот парк, како дел на Градскиот парк се вбројуваат и кејот на Вардар, со површина од 65.117 квадратни метри и Паркот на франкофонијата, со површина од 19.028 квадратни метри. Според ова, вкупната површина што денес ја опфаќа целиот реон на Градскиот парк е 454.413 квадратни метри. Бројот на листопадни дрвја, според катастарскиот преглед за 2019 година, изнесува 6.012, на зимзелени 1.800, бројот на листопадни грмушки е 6.050, додека зимзелени се 2.630.
Во периодот од 1918 до 1928 г., во паркот биле засадени вкупно 25.707 растениjа, а биле поставени и 30 клупи за одмор и една стражарница за чување на паркот. Во овие граници паркот останал до 1923 година, кога започнале неговата реконструкција и проширувањето, под надлежност на еден австриски парковски градинар, кој го уредил во строго геометриски стил со централно поставена фонтана. Така, во период од 10 години паркот „Идадиjа“, кој потекнува од турскo време, значително се проширил на запад, на север и исток и го добил името Градски парк, а тоа е делот што денес најчесто се именува како прв дел од Градскиот парк. По тригодишниот престој, австрискиот градинар го напушта Скопје, а на негово место доаѓа инженер Протиќ, кој организира управа за Градско зеленило со која раководи до 1941 година. Тој во својата работа развива значителна активност, проширувајќи го паркот, па, така, паралелно со уредувањето на првиот дел, започнало и уредувањето на вториот дел на паркот.
Градскиот парк првенствено мора да го чуваат граѓаните
ЈП „Паркови и зеленило“ во повеќе наврати апелира во јавноста граѓаните да внимаваат на своето однесување во Градскиот парк, да внимаваат на зеленилото, водните површини и инфраструктурата во паркот. За време на корона-кризата, граѓаните, за жал, уште повеќе неодговорно се однесуваат и активно прават штети, а зад себе оставаат смет, што дури и вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, кои најодговорно ја вршат својата работа, не можат да постигнат да ја вратат хигиената на паркот на потребното ниво.
– Нашите вработени во последниов период се соочуваат со драстично зголемување на ѓубрето и отпадоците во Градскиот парк. Имено, речиси двојно е зголемено количеството ѓубре што го оставаат посетителите во Градскиот парк. На пример, минатиот викенд само за едно деноноќие собравме 150 вреќи со отпадоци со зафатнина од 150 литри или 300 вреќи од 150 литри, што може да се спореди со количеството ѓубре што го собиравме по големи манифестации и настани, кои во минатото се одржуваа во Градскиот парк. Собираме и огромно количество догорчиња. Шприцови нема многу расфрлано во првиот дел на паркот. Шприцеви наоѓаме повеќе во вториот дел на паркот кај „Балканика“ – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“.
И превентивно и репресивно треба да се дејствува, во интерес на заштита на паркот
И полицијата е присутна во Градскиот парк. Таа вршејќи ги своите обврски, кои се со законот предвидени, набљудува, опоменува, разговара со граѓаните како превентивна мерка, но понекогаш и со специфични активности реагира со соодветни мерки, заштитувајќи го јавниот ред и мир.
– СВР-Скопје преку своите организациони единици, а понекогаш и со Единицата за интервентна полиција и Единицата за недозволена трговија врши постојани контроли на сите локации, вклучувајќи и паркови, на подрачјето на секторот каде што се очекуваат собирања на граѓани и можни прекршувања на законите. Сево ова е во интерес на граѓаните и чување на јавниот ред и мир. Притоа, секогаш плански се преземаат мерки и активности за сузбивање на оваа појава преку примена на сите со закон доделени овластувања. Наедно, овие прашања се дел и од работните состаноци на локалните совети на општините на кои учествуваат и претставници од СВР-Скопје, а во согласност со утврдените потреби и состојби, кои континуирано се следат – објаснуваат од Министерството за внатрешни работи.
И некои од скопските општини преземаат конкретни активности. Се организираа дури и вечерни и ноќни „патроли“ со родители, во соработка со МВР, посетувајќи локации каде што се движат и престојуваат младите. Од Општина Центар велат дека се во континуирана соработка со СВР-Скопје и ПС-Центар.
– Во соработка со СВР-Скопје и ПС-Центар, а пред новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19, во и надвор од основните училишта, одржувавме разни работилници и трибини со младите жители на Центар на повеќе теми, од одржувањето на животната средина, мерки против загадувањето од механички и друг вид отпад, па до опасноста и лошите страни од користењето наркотични дроги и други опојни средства – информираа од Општина Центар.
Сите засегнати страни посочуваат дека чувањето и одржувањето на градските паркови, не само во главниот град, е од есенцијална природа за здравиот живот на граѓаните во градовите, но и за здрави, идни поколенија. С.Р.