Општината Ѓорче Петров исчисти три диви депонии што беа создадени од граѓанска негрижа за животната околина. Со помош на екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, исчистено е ѓубрето на влезот на општината, кај Сарај, потоа депонијата наспроти пазарот кај старо „Борово“, како и каналот крај гаражите на јавното сообраќајно претпријатие.
– Во соработка со ЈП „Комунална хигиена“ се отстранети 200 кубни метри, односно десет камиони претежно градежен и кабест отпад што со години се трупал на овие места. Со трајното чистење на депониите, општината ќе се погрижи да спречи нивно повторно создавање. Апелираме до граѓаните да ги чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го фрлаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет – велат од општината Ѓорче Петров.
Оттаму истакнуваат дека граѓаните мора да бидат посвесни за штетноста од несовесното постапување со отпадот и да знаат дека сето тоа влијае врз здравјето на човекот.