ОМИЛЕНОТО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБА ЖЕЛЕЗАРА ТЕМЕЛНО ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА
За ова игралиште веќе имаше предвидено негово целосно реконструирање и поставување ново детско игралиште, но по барање од жителите од соседните кули, договорено е постојното игралиште да остане и да биде извршена негова реконструкција со замена на оштетените делови за да може истото тоа да биде безбедно при користење од страна на дечињата. Веќе е даден и налог за негова реализација и очекуваме во брзо време да биде реконструирано игралиштето, велат локалните власти од Општина Гази Баба
Ништо не може да измами толку моќна детска насмевка од моментот кога тие се наоѓаат на лулашки и детски игралишта, каде што низ смеа, игра и понекоја солза го минуваат времето со своите другарчиња. Тука, токму на тие локации, се случува вонучилишната социјализација, тука се раѓаат доживотните другарства, симпатии, голем број измислени игри и многубројни раскажани спомени. За жал, не секое детско игралиште ги исполнува условите за безбедно детско играње. Некои се животозагрозувачки затоа што се искршени и крајно небезбедни.
ОПАСНОСТ ГИ ДЕМНЕ НАЈМЛАДИТЕ
Скопје изобилува со голем број населби полни со паркови во кои речиси насекаде се поставени детски игралишта, лулашки и други реквизити наменети за децата и нивното играње. За жал, овие детски игралишта не секогаш се безбедни. Лизгалките се искршени, клацкалките без седишта, лулашките или се без седишта или синџирите на кои се прикачени се искинати…
Жителите на скопската населба Железара се едни од ретките чии деца имаат можност да играат на неколку детски игралишта. За среќа, повеќето се здрави и децата постојано си играат на нив, но поставеното дрвено игралиште е руинирано, но сепак најомилено за најмладата популација.
Целиот концепт е одличен за да ги задоволни „дивите“ потреби на децата за искачување, прекачување, пожарникарско лизгање по железна цевка, одење по мост со немирна површина и што ли уште не. Сепак, истото тоа е крајно небезбедно. Жителите велат дека не сакаат негова замена, туку репарирање, затоа што децата го обожаваат.
– Ова е најомиленото детско игралиште во населбава. Тука играат и најмали и најголеми деца. Секогаш на него ќе забележите двегодишни и десетгодишни деца. Сите го обожаваат. За жал, временските услови си го прават своето. Бидејќи е дрвено, потклекна на временските (не)погоди, но и на оние уште поголеми деца, кои како и секаде, така и кај нас, уживаат да ги уништуваат детските игралишта – вели Ана Петковска, жителка на оваа населба.
Според неа, но и според преостанатите жители на оваа населба, проблем е што од игралиштето стрчат штици, има дупки по мостот, речиси на сите страни се излезени шајки и се ризик за безбедноста на децата.
– Дрвото не е пластика и не може да биде вечно. Треба редовно да се проверува состојбата на игралиштето за да не се доведува до оваа очајна состојба. Децата обожаваат да играат тука, но кога е во прашање нивната безбедност, не знам кој родител ќе остане рамнодушен. Веќе неколкупати реагиравме до општината, ни беше ветено дека ќе биде средено, но сѐ уште чекаме – вели таа.
ЌЕ СЕ РЕКОНСТРУИРА ОМИЛЕНОТО ИГРАЛИШТЕ
И покрај тоа што станува збор за игралиште со дрвена инфраструктура, сепак се чини дека проблем не се само временските непогоди. Голем удел во оштетувањето на ова игралиште имаат и постарите малолетници, кои освен што се преголеми за да се анимираат на него, тие свесно го оштетуваат.
– Имаме и проблем со поголеми деца на возраст од 16, 17 и 18 години, кои во вечерните часови се занимаваат на ова игралиште. Го кршат, намерно скокаат на мостот да видат дали ќе ги издржи, а не е исто на него да скока дете од 15 и дете од 50 и повеќе килограми. Кога таа бројка ќе се зголеми за два, три, четири или повеќе пати, замислете што точно се случува на него – вели Петковска.
Општинските власти велат дека се запознаени со ситуацијата на ова игралиште и најавуваат негова реконструкција.
– За ова игралиште веќе имаше предвидено негово целосно реконструирање и поставување ново детско игралиште, но по барање од жителите од соседните кули, договорено е постојното игралиште да остане и да биде извршена негова реконструкција со замена на оштетените делови за да може истото тоа да биде безбедно при користење од страна на дечињата. Веќе е даден и налог за негова реализација и очекуваме во брзо време да биде реконструирано игралиштето – велат локалните власти од Општина Гази Баба.