По неодамнешниот немил настан што се случи во општината Илинден, кога во ископ од градежна парцела се удави тринаесетгодишно девојче, се наметна прашањето дали ќе се случеше вакво нешто ако ископот беше затворен и заштитен со ограда. Случајот отвори и други прашања, како и колку градежниците ги почитуваат правилата, какви се обврските на градежните фирми, инвеститорите, колку се придржуваат до законските решенија, вршат ли контрола градежните инспектори, постапуваат ли соодветно. Некои граѓани и не знаат дека какви било неправилности што забележуваат на градежните објекти може да пријават на телефонскиот број 3226-183 на Државниот градежен инспекторат. Но она што следува по сето тоа е само телефонска реакција до градоначалниците и, можеби, молк по прашањето.
Упатените во оваа проблематика подолги години во Државниот градежен инспекторат тврдат дека целата инспекција врз сите градежни објекти од сите категории треба да падне под капата на државата и дека нивните заложби одамна се упатени во тој правец. Велат дека, како што стојат сега работите во општините, локалните интереси се сосема други. Тврдат дека градоначалниците се мешаат во работата на инспекторите, а тие, пак, мораат да бидат послушници на оние што ги плаќаат за тоа што го работат. Од државниот градежен инспекторат објаснуваат дека и кога треба да реагираат, можат само да се јават кај градоначалниците за да укажат на неправилности, бидејќи законите не дозволуваат нивно мешање.
– Покрај задолжителните обврски што треба да се преземат за обезбедувањето на еден градежен објект, понатаму може со договор да се предвидат и други, а општинскиот градежен инспектор е задолжен да направи увид. Секоја градба има редовен и вонреден надзор. Општинските инспектори треба да се на терен уште при првото бетонирање до крајниот исход на објектите од Б-категорија, за кои се надлежни, како што се колективни згради и други општински објекти. Во А-категорија спаѓаат објекти како патишта и мостови, за кои е одговорен Државниот градежен инспекторат. Ако има поплаки од граѓаните, тогаш Државниот градежен инспекторат е должен, заедно со општинскиот инспектор, да излезе на терен и ако констатира неправилности, да донесе решение, по кое треба да постапи општинскиот инспектор во одреден рок. Доколку градежниот инспектор не си ја врши работата, должен е да постапи градоначалникот. Државниот градежен инспекторат во одредени случаи може да ја одземе надлежноста на општината за инспекцискиот надзор на градежниот сектор. Вакво нешто се случи за време на изградбата на т.н. кинески ѕид, објектот покрај кејот на реката Вардар – вели Кочо Стојчевски, раководител на секторот за инспекциски работи во општината Центар.
Тој е дециден дека организација на градилиштата мора да има. Секој инвеститор е должен најпрвин да го обезбеди градилиштето со ограда, заштитувајќи ги така и граѓаните и градежните работници. Градилиштето мора да има влез и излез, преку кои ќе се контролира кој влегува и кој излегува од градежната парцела, а пред самиот влез задолжително треба да стои табла со натпис, на која ќе биде назначено кој е инвеститорот, изведувачот на градежните работи, кој е проектантот и, секако, кој е одговорен за надзорот на градежните активности на објектот. На секој градежен објект мора да има чуварска служба, која нема само да го обезбедува објектот од кражби туку и од неконтролирано влегување на градилиштето.
Државните градежни инспектори се одговорни да контролираат дали општинските инспектори постапиле по закон.
– Обврска ни е да ја контролираме работата на овластените инспектори и тие се задолжени за објектите од втора категорија. Општинските инспектори се независни во својата работа и одговараат само пред своите градоначалници. Ако доследно ги почитуваат законите, навистина не би требало да има никакви проблеми. Но законот е преоптоварен со измени, во кои некои почнаа и да се губат, речиси по 16 промени се случуваат годишно. Ние постојано нагласувавме дека треба да се донесе нов закон и веќе се работи на него. Она што одамна требаше да се направи е целата инспекција да падне под капата на државата и тогаш многу поригорозно ќе се реализираат работите.
Вака сега градоначалниците се мешаат во работата на инспекторите, а дури 95 отсто од објектите што се градат во државава се објекти од втора категорија – вели Душан Јанев, градежен инспектор од Државниот градежен инспекторат. И додека надлежните се губат во законските измени и во пропустите и слабостите во надлежностите, мора да истакнеме дека беше изгубен живот на дете. Ваква трагедија не смее да ни се повтори, ниту, пак, некој треба да е повреден затоа што градежните објекти пропуштиле да стават заштитна мрежа при изведбените фасадни работи на објектите.