„Водовод и канализација“ има подземен катастар за водоводната и канализациската инфраструктура / Фото: Игор Бансколиев

Според надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, цевководите што минуваат низ приватните дворови се состојба на која исклучително мора да се внимава. Ископувањето на земјата, како една од првичните активности на градежниците, честопати резултира со кршење водоводна цевка, која создава проблеми не само за нив туку и за околните домаќинства. Иако ваквите проблеми зачестуваат, ЈП „Водовод и канализација“ со исклучителни ангажмани успева за кратко време да излезат накрај со проблемите, а најавува и скорешно целосно решение на проблемот

ЈП „Водовод и канализација“ апелира приватните градежници да внимаваат на подземната хидротехничка инфраструктура

Изградбата на нови објекти, куќи и станбени згради во населбите во метрополата доста често предизвикува главоболки за соседите, но и за јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Ископувањето на земјата како една од првичните активности на градежниците честопати резултира со кршење водоводна цевка, која создава проблеми не само за нив туку и за околните домаќинства, особено доколку од таа цевка нивните домови се снабдувале со вода.
За жал, ова е проблем што датира уште од изградбата на градот по земјотресот во 1963 година, а го има во населбите каде што граѓаните живеат во бараки што тогаш се граделе како привремени објекти за граѓаните да имаат каде да живеат. Во голем број населени места и населби водоводните и канализациските цевки минуваат низ дворните места на објектите.
Граѓаните велат дека некои од соседите што градат куќи се однесуваат крајно несовесно и воопшто не се грижат дали некому ќе му предизвикаат одредена материјална штета.
– Од една цевка неколку куќи се снабдуваме со вода. За жал, соседот почна да гради куќа, па бидејќи воопшто не знаеше каде минува водоводната цевка, ја искрши, така што останавме цел ден без вода. Првично самиот се обидуваше да ја санира штетата, но откако увиде дека тоа е проблем што може да го решат само надлежните, се јавивме и дефектот веднаш беше саниран – вели Бобан Василевски, жител на Маџари.
Според надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“, цевководите што минуваат низ приватните дворови се состојба што мора да се елиминира кога за тоа ќе се создадат услови, а тоа најчесто е кога се реконструира или проширува некоја од улиците во засегнатите населби што се во надлежност на општините.

Делоцирањето на цевководите од приватните имоти дополнително ќе им ја олесни работата, со што ќе им се овозможи лесен пристап за каква било интервенција и одржување на хидротехничката инфраструктура. Сепак, оттаму велат дека со приватизацијата на дворовите, уште повеќе е искомплицирана нивната работа.
– Со откупувањето на дворните места уште повеќе дојде до израз отежнатиот пристап за одржување на таквата мрежа, што значи дека без согласност на сопственикот на имотот не е можно брзо да се интервенира од наша страна во услови кога ќе дојде до оштетување на мрежата од какви било причини – информираат од водоводното претпријатие.
Оттаму велат дека при изградба на нови објекти, задолжително е да се дислоцира водоводната или канализациската мрежа. Затоа велат дека е многу важно при изработка и усвојувањето на деталните урбанистички планови каде што се предвидува изградбата на нови објекти, општините да преземат активности за дислокација на евентуално постојна хидротехничка инфраструктура по јавна површина.
– Во спротивно, со почнување на градежните работи за ископ на својот објект се случува да дојде до оштетување на подземна инфраструктура и тогаш самите инвеститори ќе бидат задолжени и изложени на трошок за санирање на настанатата штета или дислокација – информираат од претпријатието.
Оттаму истакнуваат дека во практика се случува со почнување на ископите за изградба на некој објект, да дојде до прекинување на некој приклучок.

– Ваквата појава се должи на фактот што приклучните линии не се вцртуваат во нашиот ГИС, односно катастар на подземни инсталации. Причината за тоа е фактот дека водомерната шахта, исто како и водомерот, е приватна сопственост и секој инвеститор односно сопственик одлучува за нејзината местоположба во зависност од расположливиот простор кон улицата или тротоарот каде што обично минува уличната водоводна мрежа. Во ваквите случаи, ако дојде до прекин на приклучната линија, без вода ќе останат самиот корисник и евентуално некој од соседните објекти што преку заеднички приклучок или двоење во шахта си обезбедуваат вода за својот објект – информираат надлежните.
„Водовод и канализација“ има подземен катастар за водоводната и канализациската инфраструктура, од кој секој инвеститор може да добие податоци без никаков паричен надомест, за да може да го реализира планот на градењето.
– За да добијат податоци, потребно е само да поднесат барање и во прилог да достават графичка подлога за локалитетот за кој треба да бидат подготвени нашите податоци за постојна подземна инфраструктура – велат оттаму.
Од претпријатието напоменуваат дека и во самите детални урбанистички планови постои графички прилог, односно „инфраструктурен план“ на кој е прикажана постојната и предвидена подземна инфраструктура (хидротехничката инфраструктура – водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација), што значи дека инвеститорите можат и преку ваквите подлоги од планската документација да добијат информации за тоа.

– Во самата постапка за добивање одобрение за градба, реконструкција, доградба или надградба и сл. за каков било објект, секоја општина што треба да го издаде одобрението преку системот „е-одобрение за градење“ бара мислење од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и ние и во оваа постапка ги известуваме самите инвеститори и нивните проектанти за евентуално постоење на подземна хидротехничка инфраструктура и за можностите и начинот на кој може да си обезбедат приклучување на предметниот објект на градска водоводна и канализациска мрежа. Затоа сметаме дека постојат сите предуслови да се спречат несаканите прекини во водоснабдувањето што се резултат на дефект или кинење цевководи во рамките на имотите или регулациските линии на објектите, но, секако, потребни се внимателен пристап и претходен контакт со одговорните од „Водовод и канализација“ – Скопје – информираат од претпријатието.


Кога се реконструира мрежа, таа и се премостува на јавни површини

За осовременување на постојната водоводна дистрибутивна мрежа, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ секоја година издвојува финансиски средства за нејзина реконструкција.
– При реализација на реконструкциите се врши замена на постојните азбест-цементни и поцинкувани цевки, односно цевководи со несоодветен материјал и профил, и притоа се вградуваат нови цевководи од квалитетни материјали. Притоа строго се води сметка реконструираните линии да бидат водени по јавна површина за да бидат достапни за понатамошно одржување и се води сметка за реконструкција и на постојните приклучоци, со што се создаваат услови за напуштање од употреба на старата постојна мрежа – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека на овој начин „Водовод и канализација“ се стреми кон намалување на дефектите на мрежата и наедно кон намалување на загубите на вода.

[email protected]