Во изминатиот период, во јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, беше извршена имплементација од страна на „МАК контрол“ Скопје и сертификација од страна на СГС Белград на стандардот ИСО 14001:2015 – Систем за управување со животна средина; надзорна проверка од страна на СГС Белград за ИСО 9001:2015 – Систем за управување со квалитет и HACCP – Систем за анализа на опасности и критични контролни точки.
– Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ многупати досега покажа дека е јавно претпријатие, кое не само што е во служба на граѓаните туку е и претпријатие што стратегиски се движи во насока на воспоставување и спроведување активности за унапредување на работните процеси, модернизација, дигитализација и стандардизација, со што несомнено се приближува кон европските и светските претпријатија во рамките на дејноста – посочи генералниот директор Душко Весковски.
Како што беше најавено, комисија на Институтот за акредитација на Македонија ја изврши надзорната оценувачка посета во Секторот за санитарна контрола, која во согласност со условите поради пандемијата беше спроведена електронски. Со надзорната оценувачка посета беа проверени процедурите, методологиите и примената на стандардите во согласност со барањата на стандардот ИСО 17025:2018, според кој, лабораториите се акредитирани за вршење анализи на вода за пиење, површинска и отпадна вода. Врз основа на деталните проверки, во согласност со процедурите на ИАРМ, беше констатирано дека лабораториите во целост ги исполнуваат критериумите на наведениот стандард од аспект на простор, опрема и кадар, како и доследно применување на пропишаните процедури во согласност со стандардот ИСО 17025:2018.
– Воведувањето, имплементацијата и сертификацијата на интернационалните стандарди значи поставување на работата во Секторот за санитарна контрола, при ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, на ниво на светските лаборатории, кои ги имаат имплементирано истите стандарди – истакна Александар Николоски, менаџер за квалитет во Секторот за санитарна контрола, во водоводното претпријатие.