Според комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на градот Скопје, освен имињата на историски личности, од нашите современици најчесто се предлагани Киро Глигоров, Тоше Проески, Горан Стефановски, Ѓорѓи Колозов, Кензо Танге, Васил Иљоски, како и познатата македонска пејачка Васка Илиева
Новото основно училиште во населбата Капиштец го носи името на поранешниот претседател Киро Глигоров, но некои скопјани би сакале неговото име да го носи и некоја улица, плоштад, мост или друг инфраструктурен објект. Името на првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија е едно од најпредлаганите имиња од граѓаните што би сакале да го носи некоја улица или инфраструктурен објект. Веднаш до неговото стои и името на незаборавниот Тоше Проевски, потоа на неповторливиот драматург Горан Стефановски, како и царот од македонските народни приказни, Ѓорги Колозов. Скопјани би сакале и некоја улица или мост да го носат името на јапонскиот архитект Кензо Танге, инаку идејниот творец на урбанистичкиот план на постземјотресно Скопје.
Во предлозите стигнати на јавниот повик што го организира градот Скопје меѓу имињата што најчесто ги предлагале граѓаните се спомнува и името на Васил Иљоски, познатиот македонски драмски писател, истакнат педагошки работник, како и член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија. Според комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на градот Скопје, освен споменатите имиња, како најчест предлог се споменува и името на познатата македонска пејачка Васка Илиева, доајенка на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачи на народна музика. Од градот велат дека овие, освен историските, се најпредлаганите имиња на наши современици што беа испратени од граѓаните до градот Скопје на објавената анкета на градот за собирање предлози за именување инфраструктурни објекти во Скопје.
– На ден 27.7.2019 година градот Скопје ја објави анкетата за собирање предлози, каде што граѓаните можеа да ги испраќаат своите предлози преку пополнување онлајн-прашалник или до градот Скопје писмено, заклучно со 18.8.2019 година. Граѓаните покажаа големо интересирање за оваа мерка, каде што над 1.800 лица го пополнија прашалникот и доставија предлози. Од овие 1.800 пополнети онлајн-прашалници, првичната статистика вели дека 37 отсто се предлози за имиња на историски личности, 29 отсто се од јавни личности, 10 отсто се од историски настани, додека 9 отсто од топоними, а 12 отсто се други предлози.
Предлозите ќе бидат разгледани од страна на комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на градот Скопје, која има задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој закон и да ја достави во форма на предлог до Советот на градот Скопје, кој ја утврдува по претходно добиени мислења од општините и согласност од Владата. Нема рок на траење за постапката, а истовремено станува збор за комплексна тематика, во која се инволвирани поголем број комисии и институции, не можеме да дадеме конкретен рок до кога треба да заврши целиот процес. Градот Скопје, во согласност со сите законски одредби, сите одлуки поврзани со постапките, како и финалните одлуки за промени на имиња на улици, булевари, мостови и плоштади, кои се усвоени од Советот на градот Скопје, уредно ги објави во „Службениот весник на градот Скопје“, Централниот регистар и тие беа споделени со јавноста – објаснуваат од градот Скопје.
При составувањето на листата со имиња, комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог-имињата што означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката на граѓаните што им припаѓаат на заедниците што се мнозинство во земјава. Уште при објавувањето на анкетата за собирање на предлозите, од градот истакнаа дека комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на градот Скопје ќе ги разгледа предлозите на граѓаните, но нема обврска сите предлози да ги вклучи во листата што ќе му биде предложена на Советот.