Во моментов снабдувањето со вода за пиење се реализира во целост, со напомена дека на дневно ниво по потреба се вклучуваат и 5-7 бунари, за задоволување на потребите на граѓаните. Потрошувачката на вода во летните месеци е зголемена за околу 30.000 м3 вода на дневно ниво, односно за околу 15 проценти. Постои место за загриженост и за таа цел се упатените апели во континуитет од страна на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“
Дали граѓаните ги сфаќаат сериозно летните апели на надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“
Продолжува неконтролираното трошење на водата од страна на жителите на главниот град. Иако вода сѐ уште има, состојбата е загрижувачка и алармантна. Но апелите што речиси цело лето надлежните од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ ги испраќаат до скопјани воопшто не дадоа плод. За да се разладат од пеколните горештини, граѓаните на големо полнат базени, наводнуваат дворови, бавчи и ниви, а сето тоа може целиот град да го остави без вода за пиење.
РЕЗЕРВОАРИТЕ НЕ МОЖАТ ДА СЕ НАПОЛНАТ
И покрај многубројните испратени апели од страна на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за контролирано трошење на водата, граѓаните остануваат глуви на предупредувањата. Продолжуваат да полнат базени, да се разладуваат со црева во дворовите, што, за жал, е себично однесување, кое може да го остави целиот град без капка вода.
Пред неколку дена од водоводното претпријатие ја информираа јавноста дека екстремно високите температури се соочуваат со сериозни проблеми при водоснабдувањето во одредени делови на градот.
– Во изминатиов период резервоарите за вода во Радишани и Гази Баба, поради преголемата потрошувачка, не можат да се наполнат и да го постигнат својот капацитет за работа. Затоа ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, врз основа на податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, кои во континуитет најавуваат високи температури во наредниот период, уште еднаш апелира до жителите на градот Скопје рационално и внимателно да се користи водата за пиење – информираа од претпријатието.
РАСПРАВИИ ПО СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ
За жал, некои од граѓаните себично продолжуваат да ја трошат водата на сметка на други, кои остануваат без неа. На социјалните мрежи веќе има расправии околу темата за водата.
– Ние што живееме на повисоките катови во зградите во општината Гази Баба имаме многу мал притисок, а тоа значи и помалку вода. Додека тие на приземје со црево си се разладуваат и полнат базени, ние не можеме бојлер да вклучиме да се избањаме. Во услови кога пристигнаа голем број апели за рационално трошење на водата, некој да ја троши буквално за глупости додека други кубурат со неа, навистина не е фер – револтирано апелира жителка на оваа општина.
Други, пак, продолжуваат со себичните ставови. Велат дека не се тие виновни, туку оние што ја граделе зградата.
– За таквите проблеми јас не сум виновен, туку тој што ја правел зградата. На крајот на краиштата, јас си плаќам за потрошеното и воопшто не ми е грижа за другите. На надлежните им е обврска да нѐ снабдат со вода и толку – коментира друг жител.
Се чини дека граѓаните воопшто не сфаќаат дека водата што надлежните ја доставуваат до нас е природна, дека тие се надлежни за нејзината безбедност, но, доколку се случи да ја снема, тие нема да можат ништо да направат.
СОСТОЈБАТА Е АЛАРМАНТНА
Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека проблемот што не може да се наполнат во целост резервоарите во Радишани и Гази Баба е алармантен.
– Доколку наведените резервоари не се наполнат со вода за пиење, се доведува во прашање редовното снабдување со вода за пиење на граѓаните од овие населени места. Поради вака констатираната состојба и за нејзино надминување, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до корисниците рационално и внимателно да ја користат водата за пиење во деновите со екстремно високи температури. Особено апелираме да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање зеленило, бавчи и ниви, за полнење базени и слично – велат од водоводното претпријатие.
Оттаму нагласуваат дека континуирано спроведуваат акции за отстранување или исклучување на злоупотребите на вода, кои најчесто се во облик на диви приклучоци, кои, за жал, и покрај многубројните апели и информациите дека дивите приклучоци се криминални дела, сепак постојат. Во текот на овие акции тие се отстрануваат, а сторителите се пријавуваат до соодветните институции.
– Во моментов снабдувањето со вода за пиење се реализира во целост, со напомена дека на дневно ниво по потреба се вклучуваат и 5-7 бунари, за задоволување на потребите на граѓаните. Потрошувачката на вода во летните месеци е зголемена за околу 30.000 м3 вода на дневно ниво, односно за околу 15 проценти. Постои место за загриженост и за таа цел се упатените апели во континуитет од страна на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје – информираат надлежните.
Од „Водовод“ нагласуваат дека сите ние како жители на овој град треба да цениме дека имаме природно богатство и мора да научиме тоа да го користиме рационално.
– Мора да работиме на издигање на јавната свест за заштита на водоснабдителниот систем, заштита на природниот извор Рашче, имајќи ги предвид предноста и среќата што ја имаме да се снабдуваме со вода од природен извор, за издигање на јавната свест за климатските промени и последиците од нив врз природата и природните извори, за промена на нашето однесување во однос на рационалната и совесна употреба на водата – велат тие.
Оттаму потенцираат дека свеста кај корисниците треба да биде издигната на највисоко можно ниво и оти не треба да се заборави дека водата што ја испорачува ЈП „Водовод и канализација“ е пивка вода и овој ресурс е најважен за опстанок на човекот и планетата.