Скопјани се револтирани и лути, затоа што за време на празничните и викенд-деновите кантите им биле преполни со отпад. Граѓаните сметаат дека комуналците мора да го собираат ѓубрето и во деновите кога граѓаните се повеќе дома и продуцираат повеќе ѓубре. Мислат дека не треба да се случува ова, бидејќи комуналното претпријатие мора да има дежурни служби што ќе работат и за празници и за викенди. И додека едни мислат дека и комуналците празнувале и затоа кантите им останале полни со ѓубре, други сметаат дека снегот и ладното време се причините зашто не било собрано натрупаното ѓубре. Скопјани имаат и друга забелешка, која се однесува на времето кога се собира ѓубрето. Станува збор за тоа дека камионите за ѓубре често им го попречуваат сообраќајот во раните утрински часови, кога граѓаните брзаат на работа. Мислат дека многу е подобро тие да поминуваат по фреквентните сообраќајници тогаш кога фреквенцијата на возила е помала. Така, комуналните возила нема да го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот и нема да ги нервираат возачите, кои мораат бавно да се движат зад нив, додека комуналците го собираат ѓубрето од улицата.
– Како семејство сме доста зафатени и немаме многу време. Сепак, во периодов на празници добро се опремивме со храна и пијалаци и сакавме нашето семејство и блиски што ќе дојдат убаво да си поминеме. Со сите овие активности создадовме повеќе ѓубре од вообичаено, но бевме зачудени кога видовме дека нема каде да се фрли, затоа што кантите беа преполни. Зошто не дојдоа комуналците да го соберат ѓубрето, не знаеме. Во кантите немаше место едно ќесе да се фрли. Од друга страна, ако оставиме до кантата друг отпад, знаат и да не го соберат. Тоа не е во ред – вели анонимен граѓанин од Чаир.
Токму поради поплаките на скопјани упативме прашања до јавното претпријатие „Комунална хигиена“ дали во периодот на празнични денови имаат стандардна динамика на собирање на отпадот и по каков план работат. Оттаму објаснуваат дека работат редовно, дури повеќе од пропишаното, седум дена во неделата и за време на празниците.
– И покрај фактот дека нашата оперативна програма за работа предвидува отпадот да се собира шест пати во неделата, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ седум пати неделно, во три смени, го собираат и го транспортираат комуналниот отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Да, за празниците нашите екипи работеа редовно, како што впрочем работат и за време на викендите – тврдат од „Комунална хигиена“.
И не само во празничните денови, некои жителите на градов се незадоволни од динамиката на празнење на кантите и во вообичаените денови и сметаат дека многу почесто треба да ги празнат нивните канти. Други, пак, се навраќаат на минатите времиња и сметаат дека тогаш ѓубрето се собирало во ноќните часови, кога улиците се празни, а камионите за ѓубре никому не му го попречувале патот.
– Еве, од неодамна повторно периодов видов собирачите на ѓубре на улицата Теодосиј Гологанов како го собираат ѓубрето во утринските часови. Проблемот е што го собираат кога треба да одам на работа. Додека тие пополека работат, зад нив се создава редица од гневни возачи што треба да стигнат на работа. Не може да работат кога сите спијат или кога нема толкав метеж? Навистина не ми е јасно – вели скопјанката Соња Блажевска.
Граѓаните навистина се преполни со идеи како да се подобри хигиената во градов, а во таа насока вредно прават планови и некои од општините. Неодамна на пример општината Карпош воведе нови мерки за зголемување на јавната хигиена во урбаните заедници на нејзината територија. Комуналните служби во општината ќе работат засилено во текот на викендите за да се зголеми тековното одржување на јавната хигиена. Наедно ќе се постават нови канти за отпадоци, нови подземни контејнери во општината, а саботата ќе биде работен ден за хигиеничарите. За неделите ќе се воведуваат и дежурни служби.
Општината дополнително ќе постави и нови канти за отпадоци низ населбите. Исто така, во соработка со градот Скопје, ќе бидат поставени и нови подземни контејнери, кои ќе овозможат правилно управување со отпадот. За оваа мерка, Советот на општината Карпош одвoи два милиони денари.
Хигиената во градов навистина ќе се подобри само ако сите активно учествуваат во решавањето на проблемите, и надлежните и граѓаните.