Во Зоолошката градина во Скопје се роди мајмунче од видот белорак гибон, а веста за раѓањето на новиот станар на зоолошката беше соопштена на нејзината официјална фејсбук-страница. Како што кажаа оттаму, мајката на мајмунчето се вика Бетка, а бебето сѐ уште нема крзно. Веста брзо се прошири меѓу граѓаните, а многумина заинтересирани за новиот жител на градината го искористија убавото и сончево време и поитаа да дознаат уште нешто за новото бебе. Децата, секако, беа најзаинтересирани посетители.
– Белоракиот гибон е ендемски вид, а бебињата се раѓаат без или со многу малку крзно. Бебето гибон во првите месеци потсетува на вонземјанче, а во прегратките на мајката може да седи и до деветмесечна возраст – сподели Тина Мицевска, портпаролката на зоолошката во Скопје.
Ова не е прво бебе во зоолошката градина, бидејќи и претходно имаше едно мајмунче, потоа едно јаре, а веројатно ќе има и многу други принови. Зоолошката градина во Скопје е основана во 1926 година. Располага со 495 животни од 96 вида, и тоа цицачи, птици и влечуги. Градината е отворена секој работен ден, од 9 до 18 часот.