По барање од жителите од општината Аеродром, во реонот зад трговскиот центар „Три бисери“ се воведува зонско паркирање.
– Добра вест за станарите од овој реон, како и од сите други со зонско паркирање во Аеродром, е што ќе можат бесплатно да паркираат по три возила што се водат на иста адреса. Уште една предност за сите регистрирани во системот на зонско паркирање е што ќе можат да се паркираат бесплатно во сите зони на целата територија на општината – велат од општината Аеродром.
Оттаму додаваат дека жителите од новата зона Д2 можат да аплицираат во повикувачкиот центар што се наоѓа зад ТЦ „Бисер“. Обрасците за пријавување и други детали се објавени на интернет-страницата на ЈП „Градски паркинг“ gradskiparking.com.mk.
„Градски паркинг“ почна со поставување информативни табли на локацијата што ќе се води како зона Д2. Условите се исти како и за другите зони каде што има воведено вакво паркирање и ќе важи од 7 до 23 часот секој ден освен недела. За оние што не припаѓаат на оваа зона паркингот се наплатува. Цената изнесува 25 денари од час.