Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на градските улици и булевари.
Како што соопшти Град Скопје, покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ на терен со механизација и рачно го чистат снегот од тротоарите, додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на чистење на сливниците.
-Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите. Град Скопје за оваа зимска сезона обезбеди 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува 4.500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт, наведуваат од градот.
Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде ЈП „Улици и патишта“ со целокупната механизација и расположивиот кадровски потенцијал. И оваа сезона Град Скопје се посочува, ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони, кои се опремени со навигациони уреди и возачи кои ќе ги опслужувааат перманентно во текот на целата сезона.
Градот Скопје со потсетување дека во надлежност на Градот се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
-Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, посочуваат од Град Скопје.