Од разговорите со надлежните во јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, издвојуваме дека нивните служби редовно и континуирано сезонски се соочуваат со истите проблеми: несовесните граѓани што приготвуваат зимници и органскиот отпад го исфрлаат во атмосферската канализација! И, како по правило, секоја година, токму пред есенските дождови, токму тие граѓани, со несовесното дејствување, предизвикуваат проблем на целата канализациска мрежа, создавајќи огромен ризик да ја затнат, што и се случува. При претстојните поројни дождови, канализациската мрежа станува нефункционална и воопшто или во помал обем ја собира надојдената вода
Граѓаните да се внимателни во пресрет на сезоната за зимските подготовки: 3.000 денари казна за загадувачите на животната средина
Старо-новата есенска спортска дисциплина, позната како правење зимница, веќе на големо е активна во метрополата. Мирисот на „забаботени“ ќумбиња, печени пиперки, модри патлиџани, ајвар и други јадења препознатливи за нашето поднебје, на големо може да се почувствува низ населбите во Скопје. И сето тоа е во ред, меѓутоа само доколку се почитуваат правилата на игра, односно ако не се загадува околината и отпадоците од зимниците не се фрлаат на соодветно место предвидено за нив.
ЗИМНИЦА ШТО ЈА ЗАГАДУВА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Иако традицијата полека се губи и со евтината понуда на маркетите на ајвари, лутеници, пинџури и други традиционални јадења што се приготвуваат, сепак некои граѓани не сакаат да купуваат, односно не сакаат да се откажат од вкусот на домашно приготвена зимница. И сето тоа е во ред доколку ги почитуваат правилата на една метропола.
Сепак, многумина се жалат дека имаат крајно несовесни соседи, кои освен што во ќумбињата горат разни отпадоци, ѓубрето го оставаат на улиците, откако ќе си ги измијат дворовите.
– И јас сакам домашно приготвена зимница, меѓутоа кога ја правам, ја правам без да му пречам некому или да оставам ѓубре. Живеам во населба каде што има претежно куќи со дворови, па затоа и имаме голем проблем. Некои од соседите претеруваат со неодговорното однесување. Горат и гуми и разни штици во ќумбињата, со што директно нѐ трујат. Дополнително, кога ќе завршат со приготвувањето, си ги мијат дворовите, а лушпите, семките и преостанатиот отпад ги исфрлаат на улиците или во атмосферските канализации – вели Сузана Михајловска, жителка на скопската населба Чаир.
ОРГАНСКИОТ ОТПАД ДА СЕ ФРЛА ВО КАНТИ ЗА ОТПАДОЦИ, НЕ ВО АТМОСФЕРСКАТА КАНАЛИЗАЦИЈА
Водоводното претпријатие мака мачи со несовесните граѓани, кои органскиот отпад од зимниците го исфрлаат во атмосферската канализација. Велат дека со тоа предизвикуваат проблем на целата канализациска мрежа, ризикуваат да ја затнат, па при поројни дождови таа нема да биде функционална и нема да ја собира надојдената вода.
– Канализациската и атмосферската канализација не се место каде што се фрла каков било отпад освен оној за кој се наменети. Затоа апелираме до граѓаните да се однесуваат совесно и отпадоците да ги фрлаат на соодветно место – информираат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје.
Градските власти за овој проблем постојано информираат дека граѓаните што не се однесуваат соодветно го прекршуваат Законот за јавна чистота.
Инспекторите се постојано на терен и претежно ги опоменуваат граѓаните, но може да се случи и да бидат санкционирани прекршителите на законот. Во согласност со законот, казната за овој прекршок изнесува 50 евра во денарска противвредност.