Илустрација: „Нова Македонија“

Пандемијата ги претвори домовите во канцеларии, училници и предавалници, а луѓето престанаа секојдневно да патуваат до своите работни места и до образовните институции, па поради тоа се намали и сообраќајниот метеж. Ситуацијата не е таква само кај нас, туку насекаде низ светот. Секој што може и има услови, својот автобуски превоз го замени со велосипед или, пак, со пешачење. Оние што одат на работа и на кои работното место им е блиску до домовите, се одлучија да пешачат, додека другите го користат велосипедот како превозно средство. Некои, пак, инвестираа и во електрични тротинети, што може да се забележи од нивното зголемено присуство низ главниот град

КОРОНАВИРУСОТ НИЗ ЕДНА ДРУГА ПРИЗМА НА ПРОМЕНА НА НАВИКИТЕ

Групата „На точак“ преку онлајн анкета го измери процентот на корисници што го промениле начинот на превоз, од која заклучи дека дури на 28,5 отсто од граѓаните корона-кризата им влијаела да го променат примарното превозно средство. За време на кризата бројот на луѓето што пешачат се зголемил за 22,47 отсто, а на луѓето што возат велосипед како превозно средство за 20,88 отсто споредено со претходно.

ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ВЕЛОСИПЕДИСТИ

Велосипедите добро им дојдоа на граѓаните што, исплашени од коронавирусот, одлучија да не го користат јавниот градски превоз.
За време на пандемијата се случи една промена корисна и за оние што мора да се возат во автобус, но и за оние што се возат со велосипеди. Досега имаше голем број акции и кампањи со кои се мотивираа граѓаните да купуваат и да возат велосипеди, а пандемијата како да го поттикна тоа. Факт е дека купувањето велосипеди сѐ уште се субвенционира од страна на градските власти, но и од некои општини.
Неформалната група вљубеници во велосипедот „На точак“ преку онлајн анкета праша 1.615 учесници во градскиот сообраќај како се движеле низ Скопје пред и за време на корона-кризата и што мислат за велосипедот. Од одговорите на оние 80, 2 отсто што имаат велосипед, дури 26,5 отсто рекле дека пред кризата користеле велосипед покрај друго превозно средство, а 20 отсто од сите користеле само велосипед. За време на кризата процентот се зголемил за 20,88 отсто.
– Сметавме дека мора да се истражи оваа промена во навиките и затоа ја направивме анкетата. За време на корона-кризата опаднаа автомобилскиот и јавниот превоз, а се зголеми велосипедскиот сообраќај, споредено со претходно. Оваа анкета не можеше да го измери обемот, но го измери процентот на корисници што го промениле начинот на превоз. Дури на 28,5 отсто од граѓаните корона-кризата им влијаела да го променат примарното превозно средство. За време на кризата се зголемил бројот на луѓето што пешачат за 22,47 отсто, а на луѓето што возат велосипед како превозно средство за 20,88 отсто споредено со претходно. Бројот на корисници на јавен превоз се намалил за 55,43 отсто, а на автомобилскиот се зголемил за 21,56 отсто – објаснуваат од „На точак“.

Велосипедистите велат дека состојбата во главниот град е многу подобрена за велосипедистите, но сметаат дека може подобро. Најчесто им пречат паркираните возила на патеките и дупките во асфалтот.
– Генерално, состојбата во Скопје е многу подобрена, се прават нови и се прошируваат старите патеки насекаде, но може и треба да се поправаат некои работи. На пример, среде патеките има контејнери, билборди, треба на некои места да се поправат рабниците, кои се многу повисоки од нивото на улиците, паркираните автомобили на велосипедските патеки се редовна појава и тоа треба да се решава, со едукација или со казни. Треба да се спомене и дека меѓу велосипедистите има несовесни, не ги почитуваат правилата и возат по улиците контра велосипедските патеки, иако ги има од двете страни на булеварите – се пожали Ласте Д., кому со години велосипедот му е главно превозно средство.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

ГРАДОТ СЕ ГРИЖИ ЗА ВЕЛОСИПЕДСКАТА ИНФРАСТРУКТУРА

Од Град Скопје велат дека водат сметка за велосипедската инфраструктура, со тенденција изминатиов период да ги поврзат сите постојни патеки, но и да изградат нови.
– Град Скопје во континуитет работи на подобрување на условите за користење на велосипедот како превозно средство во градот, пред сѐ преку инвестирање во велосипедската инфраструктура. Изминативе години Град Скопје во просек гради нови и реконструира постојни велосипедски патеки во должина од околу 15 километри годишно, а годинава ја надминавме должината од вкупно 100 километри велосипедски патеки во Скопје. Овие неколку години посебен акцент се стави и на таканаречените конектори, поточно делници на велосипедски патеки што ги поврзуваат главните маршрути. Покрај велосипедските патеки, се инвестира и на ослободување на просторот на пешачките и на велосипедските патеки од непрописно паркираните возила, каде што изминативе две години се поставени околу 5.000 заштитни столпчиња и ослободена е вкупна површина во должина од околу 7,5 километри. Дополнително, спроведена е акција на терен за ослободување на пешачките и велосипедските патеки од несоодветно поставените билборди и реклами, со што дополнително се стимулираат користењето велосипед и пешачењето – објаснија од Град Скопје.

Од групата „На точак“ сметаат дека оваа пролет е последна шанса да се искористи кризата за добро и, како што велат, да се поттикне доброто сценарио, да се поттикне и одржи порастот на активниот транспорт. Сметаат дека локалните и државните власти мора итно да дејствуваат и да го искористат намалениот моторен сообраќај за време на корона-кризата за похрабри мерки во јавниот простор, бидејќи сите учесници во скопскиот сообраќај, без разлика дали користат велосипед или не, се свесни за значењето на велосипедот.
– Порастот на корисници на автомобилот како примарно превозно средство сѐ уште не е видлив (зашто обемот на сообраќајот е севкупно намален), но замислете што ќе се случи кога работите ќе се вратат во нормална функција ако овие луѓе продолжат со истата навика? Ако претходно автомобилскиот сообраќај бил 50 отсто од вкупниот (по обем), а бројот на корисници порасне за 21,56 отсто споредено со претходно, тоа значи дека автомобилскиот сообраќај може да порасне до над 60 отсто од вкупниот сообраќај. Поголем метеж, загадување, бучава, судири, недостиг од паркинг-места, неквалитетен живот во градот. За да се спречи ова сценарио, мора да се дејствува превентивно и со похрабри мерки, како што направија многу европски и светски метрополи -сметаат од „На точак“.