Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најголемата жртва што есента ја зема секоја година е токму атмосферската канализација, дури во некои населени места едвај може и да се забележи дека ја има поради големите купчиња лисја насобрани над неа

Паднати лисја постојано ја затрупуваат атмосферската канализација

Есента пристигна во нашиот крај и ги распосла своите жолти теписи насекаде… не, ова не е детски расказ за на училиште, ова е реалната и фактичка состојба во Скопје. Кога ќе кажеме дека распослала теписи, тоа е буквална метафора, бидејќи во многу населени места, од паднатите лисја, не може да се видат ниту тротоари, ниту, пак, улици. Насекаде има купчиња насобрани лисја што граѓаните ги исчистиле од пред своите домови, за да можат слободно да се движат. И колку и да изгледа убава есента во сите нејзини бои и нијанси, сепак знае да биде доста проблематична, особено за атмосферската канализација. Надлежните и да сакаат не можат во еден ден да ги соберат сите лисја за да ги решат маките, бидејќи лисјата паѓаат етапно и со месеци…

ПРОБЛЕМАТИЧНА Е СЕКОЈА ЕСЕН

И природата понекогаш знае добро да си поигра со јавните претпријатија и институциите, особено во годишните периоди кога има водни наноси или, пак, лисја од дрвјата, како што е есенскиот период од годината.
Најголемата жртва што есента ја зема секоја година е токму атмосферската канализација, дури во некои населени места едвај може и да се забележи дека ја има поради големите купчиња лисја насобрани над неа.
Многу од граѓаните велат дека секогаш внимаваат кога ги метат лисјата од пред своите дворови, да не завршат во атмосферската канализација, но сепак велат дека колку и да внимаваат, сепак, природата го прави своето и за неполн час, улиците, а со тоа и шахтите се повторно полни со лисја.
– Редовно се чистат улиците, не можеме да се пожалиме, меѓутоа против природата никој не може. Не можеме да очекуваме некој 24-7 да седи и да дежура, сите си имаат план за работа, па така не можеме вината да ја бараме во никого. Исто како во зимскиот период кога ќе падне многу снег, за кој никој не е виновен, така и сега, природата си го минува својот природен циклус, кој, секако, за некој месец ќе заврши – вели Мила Маневска.
Сепак, тврдат дека имаат соседи што намерно ги отвораат шахтите и со црево ги мијат улиците пред нивните дворови, носејќи ги и лисјата со водните наноси во канализацијата.
– Соседот е доста безобразен човек, бидејќи секој втор ден свесно го отвора капакот од атмосферската канализација и со црево си ја чисти улицата пред неговиот дом, туркајќи ги не само лисјата туку и сето насобрано ѓубре во канализацијата. Во неколку наврати му нагласив дека тоа што го прави може да ни предизвика штета на сите, но воопшто не се ни обиде да размисли и да ме послуша. Секој втор ден истото го прави. Лисјата му пречеле, му правеле ѓубре и ова му било идеално решение. Кога ќе дојдат врнежливите денови и кога атмосферската канализација ќе се затне, целиот двор ќе му биде поплавен и повторно тогаш виновни ќе му бидеме сите, вклучувајќи ги и надлежните – вели Тони Стојановски, жител на Бутел.

ЈП „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА“ БУДНО ЈА СЛЕДИ СОСТОЈБАТА

Дека есента е доста проблематична, потврдуваат и од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. Оттаму велат дека постојано ја следат состојбата и реагираат секојдневно и постојано.
– ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје континуирано ја следи состојбата со временските промени и екипите на Секторот канализација соодветно, врз основа на однапред утврден план за работа, пристапуваат кон реализација на активностите. Имено, во однос на расчистување на лисјата што паѓаат во есенскиот период, екипите постојано излегуваат на терен за расчистување на сливниците и шахтите, со цел нормална функционалност на атмосферската канализација. Ваквата состојба може да предизвика затнување на дел од сливниците, но се дејствува интервентно на сите улици на територијата на градот Скопје. Соработката со екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈП „Комунална хигиена“ е континуирана, со цел излегување во пресрет на потребите на граѓаните на градот Скопје – информираат од водоводното претпријатие.