Според податоците на комуналното претпријатие, во текот на првите шест месеци од годината биле отстранети над седум илјади кубни метри отпад оставен на јавни површини, а во истиот период екипите на претпријатието расчистиле неколку обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај
ПОЛНИ РАЦЕ РАБОТА ЗА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“
Со порастот на бројот на жители на Скопје расте и бројката на отпад што се произведува како резултат на живеењето во метрополата. Сето тоа значи зголемен обем на работа на надлежните задолжени за водоснабдувањето, преземањето на отпадоците и чистењето на садовите за отпад.
Исчистени неколку обемни диви депонии
За шест месеци, односно за периодот јануари – јуни 2021 година, екипите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје подигнале и транспортирале вкупно 79.499 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, што претставува зголемување од 4.921 тон, односно 6,6 отсто, во однос на истиот период минатата година.
Според податоците на комуналното претпријатие, во текот на првите шест месеци од годината биле отстранети над седум илјади кубни метри отпад оставен на јавни површини, а во истиот период екипите на претпријатието расчистиле неколку обемни диви депонии составени од мешан комунален, градежен и кабаст отпад, лоцирани во општините Чаир, Кисела Вода и Сарај.
Претпријатието активно беше вклучено и во битката со коронавирусот, при што вработените активно работеа во чистење на градот, улиците, тротоарите и игралиштата.
– За одржување на максималното ниво на јавната хигиена, како и спречување на ширењето на ковид-19, претпријатието спроведуваше машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“ и „Богородица“, Камени мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје и старата скопска чаршија – велат од „Комунална хигиена“.
Континуирани инвестиции за поефикасна работа
Како што информираат од претпријатието, се работи на подобрување на условите во работните простории, за што беа пуштени во употреба осум нови пунктови лоцирани во скопските општини Аеродром, Центар, Чаир и Шуто Оризари.
– Во периодот од 18 до 22 мај годинава, претпријатието спроведе акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини, во чиишто рамки беа подигнати и транспортирани рекордни 650 кубни метри фрлен мебел и отпад од електронски и електрични уреди – велат од комуналното претпријатие.
Оттаму додаваат дека во текот на првите шест месеци од годинава, „Комунална хигиена“ – Скопје набави десет нови специјални комунални машини наменети за метење на јавните и сообраќајните површини, кои се употребуваат за одржување на јавната хигиена во сите скопски општини, како и пет нови возила камиони наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад.
– Во претстојниот период е планирана набавка уште на 32 нови специјални комунални возила автоцистерни, самоподигнувачи, камиони и кипери, кои се очекува значително да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на претпријатието – истакнуваат оттаму.