Според програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје, оваа сума се однесува на севкупното одржување на гробиштата, почнувајќи од комуналната хигиена, чистењето снег, водоводната мрежа, осветлувањето и слично. Вкупната сума што градските власти планираат да ја потрошат од буџетот на Град Скопје за годинава изнесува 49.991.663 денари

ОДРЕДЕНА ПРОГРАМАТА ЗА ОДРЖУВАЊЕТО НА ГРАДСКИТЕ ГРОБИШТА ВО СКОПЈЕ

Одржувањето на гробиштата речиси секогаш наидува на доста бурни реакции кај населението на главниот град. Според едни, гробиштата се во добра состојба и се добро одржувани, додека, пак, според други, местата на вечните почивалишта на нивните најмили воопшто не се одржуваат како што треба.
Сепак, трите локации каде што се лоцирани градските гробишта „Бутел“, „Ѓорче Петров“ и „Камник“ се локации за чие одржување градските власти секоја година одвојуваат големи финансиски средства.

ЗА ХИГИЕНА СЕ ПРЕДВИДЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 30 МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Повеќе од 49 милиони денари ќе чинат оваа година одржувањето и уредувањето на трите градски гробишта во Скопје, „Бутел“, „Ѓорче Петров“ и „Камник“.
Според програмата за управување и одржување на градските гробишта во Скопје, оваа сума се однесува на севкупното одржување на гробиштата, почнувајќи од комуналната хигиена, чистењето снег, водоводната мрежа, осветлувањето и слично.
Вкупната сума што градските власти планираат да ја потрошат од буџетот на Град Скопје за годинава изнесува 49.991.663.
Трите локации каде што се гробиштата во Скопје се простираат на површина од 1.076.000 квадратни метри, од кои 42.920 квадратни метри се зеленило, 55.190 квадратни метри се сообраќајници, додека, пак, 101. 390 квадратни метри се гробни места.
На трите локации, како и секоја година така и оваа, ќе се одржуваат комуналната хигиена, зеленилото, водоводната мрежа, осветлувањето и други работи што се однесуваат на одржувањето на гробиштата.
Само за комуналната хигиена на гробиштата градските власти планираат да потрошат речиси 40 милиони денари, или поточно 33.887.425,00 денари.
– Чистењето, собирањето и товарењето на сметот и неговото транспортирање ќе се вршат во гробиштата „Бутел“ континуирано во текот целата година. Се предвидува од гробиштата „Бутел“ да се подигне вкупно 3.792 кубни метри смет во текот на годината. Од гробиштата „Ѓорче Петров“ се предвидува да се подигнат вкупно 1.248 кубни метри смет во текот на целата година, додека од гробиштата „Камник“ се предвидува да се подигнат вкупно 384 кубни метри смет – се вели во програмата на градот.
За одржување на зеленилото на гробиштата е предвидено да се потроши сума во висина од 10.799.783. Овие средства ќе се потрошат за рачно и машинско косење на тревници и за собирање суви лисја, полевање на тревниците, садење садници, кастрење дрвја, како и за кастрење и уредување на оградата околу гробиштата.

ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА РЕЧИСИ ДВА МИЛИОНИ ДЕНАРИ

Немањето пивка вода на градските гробишта „Бутел“ е најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните чии најмили почиваат на најголемите гробишта во Скопје.
На гробиштата има вода, меѓутоа таа не е за пиење, бидејќи е бунарска вода и може да се користи само за полевање и за миење на гробните места од страна на сопствениците.
– Водоводната мрежа на градските гробишта АД „Бутел“ е напојувана од сопствен водовод, кој се снабдува со бунарска вода, со помош на електрични пумпи. Додека гробиштата „Ѓорче Петров“ се приклучени на градскиот водовод, но поради немањето доволно силен притисок се користат електрични пумпи. Гробиштата „Камник“ се снабдуваат со вода исто така од градски водовод, но поради немањето доволно силен притисок е предвидено во 2021 година да се постават електрични пумпи. Во одржувањето на водоводната мрежа на градските гробишта спаѓаат потрошената електрична енергија за напојување на електричните пумпи, 12-часовен надзор на работата и одржување на пумпната станица „Бутел, како“ и интервенциите за поправка на евентуалните дефекти – се вели во програмата.
За оваа цел, градот планира да одвои од буџетот речиси два милиони денари, или поконкретно 1.902.049 денари.

За одржување на осветлувањето на градските гробишта се планирани околу 600 илјади денари, додека пак за одржување на сообраќајниците, за крпење дупки, тампонирање на патиштата, обновување на знаците на сообраќајниците и парцелите градот планира да потроши 1.943.460 денари.
За лицата корисници на постојана парична помош, градот од својот буџет годинава ќе одвои 519.732 денари за надоместок на трошоци за погребување.
Од Градот изјавија дека оваа програма е планирана и е направена врз база на процени и претпоставки од минатите години.
– Да, ова е програма за работа за управување и одржување на гробиштата во Скопје за 2021 година. Ова е програма во која се вметнати плановите и програмата за реализација, претпоставеното количество за извршување на програмата, како и претпоставената цена за извршувањето на поставените работни активности во оваа програма – информираат од Градот.


Планиран износ за трошење за одржување на гробиштата во Скопје

Одржување на комуналната хигиена на гробиштата: износ во денари
Бутел 24.183.300
Ѓорче Петров 5.835.312
Камник 2.255.127
вкупно 33.887.425

Одржување на зеленилото на гробиштата: износ во денари
Бутел 8.428.084
Ѓорче Петров 1.451.673
Камник 405.750
вкупно 10.799.783

Одржување на водоводна мрежа на гробиштата: износ во денари
Бутел 1.005.049
Ѓорче Петров 597.000
Камник 300.000
вкупно 1.902.049

Одржување на осветлувањето на гробиштата: износ во денари
Бутел 354.000
Ѓорче Петров 101.400
Камник 50.400
вкупно 596.844

[email protected]