Зајакнување на сообраќајните контроли во Скопје, но и во другите градови на земјава со цел да се намали бројот на сообраќајните прекршоци, најави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, посочувајќи оти викендов зајакната контрола била спроведена во главниот град, а податоците за направените прекршоци ги означи како алармантни.
Во текот на изминатите два дена биле спроведени сообраќајни контроли во Скопје во кои биле извршени проверки на 2.335 возила и возачи.
– Поразителен е фактот што кај 480 возачи констатирано е присуство на алкохол во крвта и тие се исклучени од сообраќај – нагласи Спасовски.
Викендов во Скопје евидентирани се и 454 други сообраќајни прекршоци и за нив се издадени соодветни санкции.
– Ова се запрепастувачки факти да имаме 480 лица под дејство на алкохол за две вечери. Ова ни дава одговор зошто се случуваат толку многу сообраќајни несреќи. Репресивниот елемент не е основа за намалување на овие прекршоци, но сепак е еден од начините – рече Спасовски.
Посочи оти потребно е да се подигне сообраќајната култура на граѓаните во земјава и додаде оти за тоа е потребна и зајакната соработка меѓу нив и полиција. МВР од свои сопствени буџетски средства набавило нови 80 дрегери за тестирање на присуство на алкохол по цена од 55.000 денари без ДДВ, 30 радари за контрола на брзината на возење по цена од 340.000 денари, како и 30 фотоапарати со надворешен блиц и дополнителна опрема за потребите на сообраќајните увидни екипи по цена од 59.355 денари без ДДВ.