За да се спречи паркирањето на тротоарите, екипи на ЈП „Улици и патишта“ поставуваат заштитни столпчиња на улицата Самуилова под Скопско кале. Непрописното паркирање е постојан проблем во градов и речиси на целата негова територија.
Од градот сметаат дека со поставените столпчиња им се става крај на непрописно паркираните возила на овој потег. Надлежните оттаму најавуваат дека во иднина нема да се толерираат непрописно паркирање и узурпација на јавните површини од возилата.
Оваа појава да се узурпираат пешачките зони стана секојдневие речиси на сите сообраќајници, а сообраќајната некултура е постојано на ѕидот на сообраќајниот срам. Неодамна на социјалните мрежи се појави видеоснимка на која се гледаше како таксист се обидува да откорне метално столпче од тротоарот пред ТЦ „Веро џамбо“ за да си обезбеди место за паркирање.