Непознати сторители синоќа запалиле два контејнера во населбите Центар и Чаир. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека на улицата Орце Николов, во близина на Генералштабот, синоќа бил запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир, пак, бил запален стар метален контејнер на булеварот Христијан Тодоровски – Карпош.
Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери во населбите Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад.
Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата Франклин Рузвелт.
Од Град Скопје информираат дека сите случаи на опожарување на садовите се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.
-Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти – велат од Град Скопје.