Премиерот Зоран Заев изјави дека Владата наскоро ќе донесе одлуки со кои ќе се реши проблемот со дивоградбата кај „Мавровка“.
– Со правните служби ги разгледавме модалитетите на многу прашања, а едно од нив е и објектот кај „Мавровка“, кој пркоси на центарот на Скопје и за кој со право граѓаните реагираа – изјави Заев на новинарско прашање по настанот за одбележување на една година од работењето на Агенцијата за национална безбедност.
Во деталите на самите одлуки, се оформени правни постапки за тоа како Владата треба да пристапи во испорачување на помош на локалната самоуправа на општина Чаир.
Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” на објект бесправно изграден на булевар „Гоце Делчев“ на платото пред ДТЦ Мавровка.
Од страна на СВР Скопје-Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО-Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност „Бесправно градење” и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава.